Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем откако излегоа информациите дека е загадена и небезбедна за употреба.
Забраната засега важи досега да се добијат резултатите од лабораториското тестирање.
Нивни инспектори биле дел од тимот при вчерашниот увид кај местото во село Вруток од каде, според сомнежите, влегувала отпадна вода во главниот цевковод.
„Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, поставена е пумпа, која директно вшприцува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје, кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност“, информира АХВ.
Претходно, полицијата излезе со соопштение во кое исто така изразува сомнежи дека во главниот водовод влегувала отпадна вода.
Тоа наводно се случувало на место каде биле поставени три пумпи за зголемување на притисокот на водата.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие Водовод, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“, соопштија од Секторот за внатрешни работи (СВР), Тетово.
Оттаму наведоа дека се сомневаат на кривично дело загадување на водата за пиење.
Сепак, истрагата ја координира јавен обвинител, а оттаму засега се воздржани околу правната квалификација.
Државниот обвинител Ненад Савески изјави дека е рано да се прави квалификација бидејќи сè уште се преземаат дејствија и треба да се утврди дали има основи за постоење на кривично дело, како и неговиот вид.
Изминативе денови стотици граѓани од Гостивар побарале лекарска помош поради стомачни тегоби односно дијареја, покачена телеска температура и повраќање.


