Граѓани на Гостивар ја полнат тамошната болницата жалејќи се на болки во стомак, дијареа, повраќање и покачена температура. Сомнежите се дека е загадена водата од градскиот водовод поради што се вклучи и алармот кај надлежните институции.
Според првичните сомневања, наводно отпадни води влегле во главниот цевковод преку кој градот се снабдува со вода. Претпоставките се дека тоа се случило на место каде биле поставени три пумпи за вода со кои градските власти сакале да го зголемат притисокот на водата.
Станува збор за место во селото Вруток, каде вчера (16 јули) попладне околу 18:20 часот инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Гостивар биле на терен.

„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие Водовод, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“, велат од Секторот за внатрешни работи (СВР), Тетово.
Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучиле и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за животна средина.
Исто така, ангажиран е и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.

Засега, нема точна бројка колку граѓани побарале помош во болницата со стомачни тегоби иако во јавноста има информации дека бројот е и неколку стотици.


