Што досега е познато за водата во Гостивар?

Објавено:

Повеќе од 1.200 луѓе во Гостивар побарале лекарска помош изминативе денови поради стомачни тегоби. Болки во стомакот, дијареја, повраќање, покачена телесна температура се симптомите што ги чувствуваат гостиварци додека надлежните допрва треба да утврдат што точно се случувало.

Сомнежите се дека изворот на заразата е водата од градскиот водовод, но претставници на локалната власт се воздржани. Низа информации, изјави и тврдења се редеа во целиот ден во петокот. Кој што кажа, во што се сомнева и со какви пораки излезе?

Отпадни води во цевководот – полицијата се сомнева во локалните институции

vodovod-gostivar
Местото каде биле поставени три пумпи на гостиварскиот водовод / Фото: МВР

За случајот се води истрага под координација на јавен обвинител од Гостивар. Во неа се вклучени полицијата, како и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Ангажиран е и независен вештак.

Тим од овие институции на терен излегол в четвртокот попладне, околу 18:20 часот, поради сомнежи за загадување на водата откако бројни граѓани претходните денови бараа лекарска помош.

Меѓу првите кои излегоа со информации беше полицијата. Ги објавија сомнежите дека во главниот цевковод во Гостивар влегувале отпадни води од место кај селото Вруток каде локалните институции поставиле пумпи за да го зголемат притисокот на вода.

„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие ’Комуналец‘, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар“, соопштија од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, под чија надлежност е гостиварскиот регион.

МВР се сомнева дека е направено кривично дело „загадување на водата“.

Јавното обвинителство, пак, кое ја координира целата истрага, засега е воздржано во однос на евентуалното кривично дело. Државниот обвинител Ненад Савески изјави дека надлежен обвинител во Гостивар постапува по случајот и прибира информации од релевантните институции поради што е рано да се дава правна квалификација на настанот.

Вода од Вардар во водоводот

Со слични информации како МВР излезе и АХВ чии инспекциски служби, исто така, беа на терен. Во своето соопштение тие наведоа и конкретно од каде влегувала загадена вода, или како што ја нарече МВР „отпадна“, во градскиот цевковод – од реката Вардар.

„Со надзорот утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Од страна на стручни лица на Институтот за јавно здравје кои биле присутни на надзорот, земени се мостри од водата за лабораториско тестирање со цел утврдување на нејзината безбедност“, објави АХВ.

Забрана за пиење на водата

Оттаму издадоа и забрана за пиење на водата додека да се добијат резултатите од анализите.

„За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ издаде време забрана за употреба на водата за пиење се до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност“, наведе Агенцијата.

Апел до своите сограѓани да ја почитуваат оваа мерка веднаш упати и градоначалникот на Гостивар од редовите на ДУИ, Валбон Лимани.

Градоначалникот вели нема канализациска мрежа на местото за да дојде до мешање на водата

Тој излезе со поинакви тврдења од тие на полицијата дека дошло до мешање на отпадни води со питката вода.

„Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП ’Комуналец‘ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, сите наводи се предмет на проверка и конечна оценка ќе дадат исклучиво надлежните институции“, вели Лимани.

Тој е воздржан и за тоа дека граѓаните имале стомачни тегоби предизвикани од водата од градскиот водовод. Како што наведува во објавата, „во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ“ за тоа.

Причината, порачува, мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи.

Градоначалникот побара и граѓаните да останат смирени, а испрати и порака дека во вакви моменти „одговорност на сите нас е да не шириме непроверени информации“.

Со изјави за неколку медиуми излезе и директорката на гостиварски „Комуналец“, Артана Асани. За ТВ Телма, таа меѓу другото рече оти според информациите од гостиварската болницата, труењето на граѓаните не било од водата туку од храна и високите температури бидејќи меѓу нив имало и такви што користеле флаширана вода за пиење, а не од градскиот водовод. Во изјава за „360 степени“, пак, таа рече и оти пумпите за кои МВР тврди дека „Комуналец“ незаконски ги поставил во корито за истечни отпадни води, а кои потоа навлегле во гостиварскиот водоснабдителен систем, биле ставени за симулација и работеле само неколку часа на 25 јуни.