Експертски тимови од скопски „Водовод“ ангажирани да се врати нормалното водоснабдување на Гостивар

Објавено:

Експертски тимови од Јавното претпријатие „Водовод“ од Скопје попладнево се во Гостивар, со цел да утврдат, но и да преземат мерки за враќање на нормалното водоснабдување на градот Гостивар, откако се случи епидемијата со труење од водата за пиење, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција во Гостивар на која присуствуваа и министерот за здравство, Сашо Клековски, директорот на СОЗР Ивица Томовски и портпаролот на Владата, Марија Митева.

Тошковски е на чело на Управувачкиот комитет во Владата. Тој рече дека откако Владата прогласи кризна состојба, веднаш стапил во контакт со градоначалникот на Град Скопје, од кој побарал експертски тимови на скопски „Водовод“.

„Согласно информациите коишто ги добив пред неколку минути, тие се на лице место и ја констатираат фактичката состојба од аспект на моменталниот квалитет на водата, ќе се земат одредени мостри на повеќе точки и понатаму констатирање на фактичката состојба во делот на поставеноста на хидросистемот во рамки на Општина Гостивар“, изјави Тошковски.

Тој рече дека целта е за најкратко можно време се детектира конкретната фактичка состојба а потоа да се одговори соодветно во насока на враќање во состојба на водата и тоа првично за техничка употреба, а понатаму во втор степен жителите на Гостивар и да имаат соодветен квалитет на вода за пиење.

„Штом бидат извршени овие испитувања и анализи во текот на денешниот ден, во текот на утрешниот ден ќе ја информираме јавноста за тоа каков е квалитетот на водата што ќе биде констатиран од страна на експертите од Град Скопје кои што дојдоа овде, не само во делот на констатирање на квалитет на вода, туку и во делот на соодветен одговор“, кажа Тошковски.

Тој додаде дека ​првичната информација којашто ја има добиено од страна на дел од експертите е дека ќе треба да се настапи во насока на хиперхлорирање на системот, што би требало за кратко временски период го доведе цевководот во нормална состојба, за да може водата првично да се користи како техничка вода, а понатаму да може да се користи и како вода за пиење.

Прашан дали и градоначалникот на општина Гостивар бил повикан од страна на истражните органи, Тошковски одговори дека е информиран оти со градоначалникот е извршен разговор, во насока на утврдување на фактичката состојба.

Претходно денеска Владата прогласи 30 дневна вонредна состојба во Гостивар, а судија на претходна постапка определи притвор за директорката и двајца раководители на гостиварски „Комуналец“, осомничени дека им дале наредби на вработени да постават потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата во градскиот водовод, што придонело водата да се загади и во градот беше прогласена епидемија.