Во Гостивар официјално е прогласена епидемија поради наглиот пораст на граѓани со стомачни тегоби, а здравствените власти и натаму не можат да го утврдат точниот причинител на заразата.
Министерот за здравство Сашо Клековски вечерва изјави дека бројот на новозаболени не се намалува и дека секој ден медицинска помош бараат меѓу 250 и 300 пациенти, додека резултатите од анализите на водата се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Клековски во гостувањето на Сител телевизија рече дека и денеска биле регистрирани околу сто деца на детското одделение и близу 200 пациенти на Инфективното одделение во гостиварската болница.
„Ми се чини вчера беа три деца што се задржани преку ноќ, а денеска се неколку возрасни пациенти задржани и тоа се генерално возрасни пациенти со други болести, каде што заради претпазливост и дехидратацијата се задржани во болница, рече Клековски во гостувањето на Сител ТВ.
Според него, кај најголемиот дел од пациентите клиничката слика е лесна и се манифестира со дијареја, повраќање и дехидратација, додека покачена температура се јавува поретко. По примена на инфузија и рехидратација, повеќето пациенти се пуштаат на домашно лекување, а во болница остануваат само неколкумина, главно лица со други хронични заболувања.
„Со ротација на лекари од останатите оддели, во болницата се покриваат здравствените потреби на загрозените таму“, додаде тој.
Министерот објасни дека прогласувањето епидемија пред сè овозможува подобра координација меѓу институциите, но нагласи дека сите здравствени мерки биле преземени уште пред формалното прогласување.
Во меѓувреме продолжуваат епидемиолошките анкети и лабораториските испитувања за да се утврди изворот на заразата. Од пациентите се земаат примероци за анализи, а здравствените власти ги испитуваат нивните контакти и движења.
Клековски рече дека досегашните епидемиолошки податоци не укажуваат на труење со храна, бидејќи заболени има од сите возрасни групи и од повеќе населени места, вклучително и населби кои не користат вода од истиот водоводен систем.
„Не сакаме да избрзуваме со заклучоци. Мора да ги оставиме сите можности отворени додека не завршат истрагите“, рече министерот.
Тој потсети дека слична појава имало и во 2017 година, кога исто така имало неколку стотици заболени, но причинителот никогаш не бил утврден.
Во однос на сомнежите дека заразата е поврзана со нелегално приклучени пумпи на водоводниот систем, Клековски потврди дека тие веднаш биле исклучени од употреба, но потенцираше дека засега нема официјална потврда дека токму тие се изворот на проблемот.
Резултатите од анализите на водата, кои се прават по барање на Јавното обвинителство, се очекуваат утре, а според министерот, токму Обвинителството ќе ги соопшти наодите.
Претходно денеска Центарот за јавно здравје – Тетово прогласи епидемија на територијата на Општина Гостивар поради наглото зголемување на бројот на заболени со акутни стомачни тегоби. Епидемиолозите велат дека причинителот сè уште не е идентификуван, а досега се обработуваат околу 140 официјални пријави за заразна болест, додека епидемиолошките истражувања продолжуваат.
Во меѓувреме, случајот доби и политичка димензија. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини локалната власт во Гостивар, предводена од коалицијата на ДУИ, СДСМ и Арбен Таравари, дека е одговорна за труењето на повеќе од 1.200 жители. Од партијата побараа институциите целосно да го расчистат случајот и да има одговорност за сите кои со своето постапување го загрозиле здравјето на граѓаните.
Обвинувањата следуваат откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека постои сомнеж оти преку пумпи поставени кај Вруток, во главниот водоводен цевковод навлегувале отпадни води, поради што се истражува кривично дело „загадување на водата“.
Градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани досега само еднаш се огласи преку социјалните мрежи, повикувајќи на смиреност и наведувајќи дека засега нема докази дека градскиот водовод е извор на труењето.
Поранешниот градоначалник Арбен Таравари вели дека со голема загриженост ја следи состојбата со големиот број граѓани кои побараа медицинска помош.
„Во моменти кога допрва ќе следуваат резултати од проценките, а здравјето на граѓаните е приоритет, сметам дека е несоодветно кој било да носи политички пресуди пред да се утврдат фактите. Не сум заинтересиран за политички натпревар врз грбот на луѓето. Вистината ќе ја кажат анализите, не партиските соопштенија. На сите институции им посакувам успешна и брза работа, а на сите мои сограѓани им посакувам што побрзо закрепнување“, напиша Таравари на својот профил на Фејсбук.
На обвинувањата реагираше и СДСМ, од каде што соопштија дека немаат никаква врска со управувањето на Општина Гостивар и ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека се обидува да собира политички поени во време на здравствена криза. Од партијата порачаа дека приоритет треба да бидат помошта за граѓаните, справувањето со епидемијата и утврдувањето на одговорност преку институциите.
Со реакција се огласи и Левица, оценувајќи дека доколку се потврдат сомнежите дека загадена вода навлегла во водоводната мрежа, ќе биде неопходно целосно испирање и дезинфекција на системот, повеќекратни анализи и јасни насоки за граѓаните пред водата повторно да биде безбедна за употреба.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Гостивар соопшти дека е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде по наредба на јавен обвинител се анализираат примероците од водата. Резултатите се очекуваат утре, по што ќе бидат доставени до Обвинителството, додека локацијата кај Вруток, по наредба на обвинител, ја обезбедува полицијата.


