Одговорна за труењето над 1.200 жители на Гостивар е локалната власт во Општина Гостивар, предводена од СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари, обвинија во партиско соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тие во него побараа институциите предводени од централната власт целосно да го расчистат случајот со труењето.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот и секој што со своето постапување го загрозил здравјето на граѓаните да понесе одговорност согласно законот. Според информациите, постои основано сомнение дека здравјето на граѓаните е директно загрозено, затоа што општинските власти поставиле пумпи во отпадни води за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Ваквите обвинувања доаѓаат откако Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека се сомнева оти во главниот цевковод во Гостивар влегувале отпадни води од место кај селото Вруток каде локалните институции поставиле пумпи за да го зголемат притисокот на вода. МВР се сомнева дека е направено кривично дело „загадување на водата“. Гостиварскиот градоначалник Валбон Лимани доаѓа од опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција предводена од ДУИ. Тој досега се огласи само еднаш преку социјалните мрежи каде што упати порака за смирување до граѓаните и дека засега нема доказ оти извор на труењето била водата од градскиот водовод.
Опозициската СДСМ тврди дека нема никаква врска со управувањето на градот Гостивар и дека нема да дозволи да биде злоупотребена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Гостивар во овој момент се згрозени од нивните политички игри. Граѓаните очекуваат одговорна власт која ќе се занимава со нивното здравје, а не со напади врз опозицијата. Наместо да се фокусираат на прогласување на епидемија, помош на граѓаните и решавање на проблемот со водоснабдувањето, ВМРО продолжува со истата пракса – да префрла одговорност на други и да прави политички поени од туѓа несреќа,“ велат до СДСМ.
Оттаму повикуваат на институционална реакција, прогласување епидемија, решенија, помош за граѓаните а потоа и одговорност.
Од опозициската Левица велат дека целата ситуација и информации дека со пумпи поставени во коритото на Вардар била црпена вода и директно внесувана во водоснабдителниот систем на Гостивар отвораат сомнение за исклучително тешко и неодговорно постапување.
„Последиците не се ограничуваат само на водата што во тој момент истекла од чешмите. Доколку загадена вода навлегла во главниот цевковод, постои сериозен ризик да бидат контаминирани примарната и секундарната мрежа, домашните инсталации, славините, бојлерите, резервоарите и другите делови од системот во кои водата се задржува. Токму затоа не е доволно водоснабдувањето едноставно повторно да се пушти по еден поволен примерок. Потребни се целосно испирање и дезинфекција на мрежата, повеќекратни анализи од различни точки и временски интервали, како и јасни упатства за домаќинствата, училиштата, градинките, угостителските објекти и здравствените установи,“велат од Левица.
Од Обвинителството денеска соопштија дека Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со Институтот за јавно здравје, каде што по наредба на јавен обвинител се вршат анализи и испитувања на квалитетот на примероците на водата од гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре, по што ќе бидат доставени до надлежното обвинителство, Во меѓувреме, по наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток ја обезбедува полиција.


