Иран нема да напаѓа, ако и САД не напаѓаат, објави новинската агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на изјава на висок ирански функционер. До ова доаѓа откако САД ја паузираа кампањата на бомбардирање бидејќи советниците на претседателот Доналд Трамп го предупредиле дека снемува цели и изразиле загриженост поради трошењето на американскиот арсенал.
По 13 ноќи засилени американски воздушни напади врз Иран, Пентагон ја суспендираше кампањата доцна во петокот, а ниту во саботата ниту во неделата не беа регистрирани нови американски удари. Иран, кој по секоја ноќ американски напади возвраќаше со удари врз соседните земји во кои има американски бази, исто така два дена не извршил напад.
Иранскиот функционер, кој побарал да остане анонимен, изјави дека ставот на Техеран и натаму е „напад за напад“.
„Иран ќе ги запре своите напади сè додека и САД го прават истото. Ако нападите запрат, Иран, исто така, ќе ги запре своите операции. Таа порака веќе им е пренесена на САД“, изјавил тој.
Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, за Фокс њуз сандеј и за други американски медиуми изјави дека Трамп одлучил да ги паузира нападите за да ѝ даде повеќе време на дипломатијата.



