Во мојата последна колумна се осврнав на феноменот познат како инфлација на оценки. Истражување на еден од моите професори покажа како на „АР“ испитите во САД оценките се зголемуваат не преку олеснување на содржината туку преку менување на начинот на оценување.
Се запрашав зошто во Македонија оваа тема не е покрената, а имаме генерации и генерации кои завршуваат со „сите петки“.
Како решение понудив реформа на моделот на упис во средното и високото образование со цел елиминирање на системскиот притисок за одличен просек што го создава сегашниот начин на бодирање, но и реков дека треба се прошири скалата на оценки од 1 до 5 на од 1 до 7, па дури и од 1 до 9.
Една интересна реакција што ја добив од мој пријател по објавувањето на колумната беше дека проширувањето на скалата е залудно ако една „бајадера“ може единицата магично да ја претвори во петка, односно во седмица или во деветка.
Мислејќи се како да одговорам на овој коментар, сфатив дека постојат две димензии на секоја оценка—на каков било индикатор всушност, кои треба да ги земеме предвид. Додека мојот соговорник ја спореше сигурноста на оценките во моменталниот образовен систем, мојата колумна имаше за цел да ја подобри нивната валидност.
Дали оценките го мерат тоа за што се наменети?
Имено, валидноста може да ја дефинираме како степенот на точност на даден индикатор. Валидноста е одговор на прашањето дали индикаторот го мери тоа што треба да го мери. Во овој случај, дали оценките го мерат знаењето на учениците?
Ако највисоката оценка означува одличност, а истата ја добива секој втор ученик, значи дека оценката не е валидна. Не го мери она за што е наменета.
Бидејќи цел на секоја оценка е да овозможи видливост на градацијата на знаењето на учениците, т.е. да овозможи споредба меѓу резултатите на различни ученици од различни одделенија и училишта, секоја поединечна оценка на скалата мора јасно и недвосмислено да кореспондира со дадено ниво на знаење.
Оттука, кога веќе гледаме дека оценките се концентрираат на врвот на скалата (4 или 5), проширувањето на скалата ќе значи разредување на оценките. Раслојувањето ќе овозможи поголема и попрецизна споредба на знаењата на учениците. Не секој треба ја има највисоката оценка.
Дали да се ограничи бројот на петки?
Меѓународното искуство повторно е интересно и индикативно.
На пример, на мојот универзитет, Харвард, веќе неколку месеци се разговара за предлогот на универзитетската администрација бројот на студенти што ја добиваат највисоката оценка (А) да се ограничи на 20% од бројот на студенти што слушаат ист предмет. Не се предвидуваат ограничувања на другите оценки. Доколку професорите го прифатат овој предлог, значи дека најмногу една петтина од студентите ќе бидат „одлични“ по даден предмет.
Истовремено, нашиот долговековен ривал и сосед, Јеил, размислува да донесе мерка што предвидува просечниот просек на сите додипломци да биде 3,00 (на скала од 0,00 до 4,00). Значи, да се ограничи општиот просек што ги вклучува сите предмети што студентот ги слушал, а не оценката во поединечните предмети.
Вреди да се размисли дали вакво решение би било од корист за македонскиот систем.
Иницијално сум скептичен. Ограничување на бројот на петки кога петките се насушни за упис во посакуваното средно училиште или факултет само ќе го зголеми притисокот врз наставниците и натпреварот меѓу учениците.
А во ситуации кога „бајадера“ менува оценка ова би значело дека помоќните и побогатите ученици би можеле уште повеќе да влијаат на своите оценки преку корупција и лобирање.
Да се биде сигурен
Наш проблем не е само валидноста на оценките што нашиот систем ги дава, туку и нивната сигурност. Дали ние им веруваме на свидетелствата на нашите ученици? Дали се објективни? Се следи ли отнапред определена и праведна процедура кога истите се пишуваат? Какво е влијанието на корупцијата врз оценките?
Сите го знаеме одговорот дека и сигурноста на оценките нè мачи. Не е сè така како што изгледа.
Преписката со пријателот ми ме потсети на мојата последна изјава дадена во својство на претседател на Сојузот на средошколци од 11 јуни 2023 година. Медиумите објавија дека испитот по Англиски јазик од државната матура бил пробиен и споделен во Вибер група составена од преку 7.000 матуранти.
Тогаш јасно кажав дека треба да се санкционираат сите за кои ќе се утврди дека препишувале. Пробивањето го нареков „пропаст на нашата колективна свест, совест и доблест“ и додадов:
„Вината припаѓа на сите – и на тие што препишувале, и на тие што дозволиле да се препишува“.
Ќе се согласам со мојот пријател. Ни нема спас додека не ја решиме сигурноста на оценките. Но, откако ќе го направиме тоа, ќе треба да ја прошириме и скалата.


