НАТО и САД разговараат за повлекувањето на американските трупи од Германија

Објавено:

НАТО работи со Соединетите Држави за да ги разјасни деталите од одлуката за планираното повлекување на американските трупи од Германија, изјави денеска портпаролката на НАТО, Алисон Харт.

„Работиме со САД за да ги разбереме деталите од нивната одлука за распоредување на сили во Германија“, напиша Харт на платформата „X“.

Харт рече дека ова е прилагодување на военото распоредување, што дополнително ја нагласува потребата европските земји да ги зголемат инвестициите во одбраната и да преземат поголема одговорност за заедничката безбедност.

Таа потсети дека сојузниците веќе постигнале напредок во оваа насока откако се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на самитот во Хаг минатата година.

„Веќе гледаме напредок откако сојузниците се согласија да инвестираат пет проценти од БДП на самитот на НАТО во Хаг минатата година. Остануваме уверени во нашата способност да обезбедиме одвраќање и одбрана додека овој потег кон посилна Европа во посилно НАТО продолжува“, додаде портпаролката на Алијансата.

Претходно, Пентагон соопшти дека САД ќе повлечат околу 5000 војници од Германија во следните шест до 12 месеци, исполнувајќи ја заканата на претседателот Доналд Трамп откако се конфронтираше со германскиот лидер околу војната на САД со Иран.

Трамп се закани дека ќе повлече дел од трупите од сојузникот на НАТО претходно оваа недела откако канцеларот Фридрих Мерц рече дека САД се „понижени“ од иранското раководство и го критикуваше недостигот на стратегија на Вашингтон во војната.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, во соопштението изјави дека „одлуката следи по темелен преглед на позицијата на силите на Министерството во Европа и е во знак на признавање на барањата и условите на теренот“.

Инаку Германија е домаќин на неколку американски воени објекти, вклучувајќи го седиштето на нејзините европски и африкански команди, воздухопловната база Рамштајн и медицинскиот центар во Ландштул, каде што се лекувале жртвите од војните во Авганистан и Ирак. Американските нуклеарни ракети се исто така стационирани во земјата.

Бројот на војници што ќе ја напуштат Германија би бил 14% од 36 000 американски војници таму.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го нарече „предвидливо“ повлекувањето на трупите од Европа и Германија од страна на САД, додека се обиде да ја истакне заемната корист од военото присуство на САД на европскиот континент.