Зошто молк пред обидите за фашизирање на македонската совест?

Објавено:

Автор: Лука Павиќевиќ, студент на Универзитетот Харвард

На 27 декември минатата година медиумите јавија дека бистата на народната хероина Вера Јоциќ била украдена од Градскиот парк во Центар во Скопје. Бистата исчезна иако се наоѓаше на само стотина метри од Владата. Речиси четири месеци подоцна случајот остана неразјаснет. Ниту е бистата вратена, ниту јавноста знае што се случило со неа, ниту кој е одговорен.

Ќе се прашате на толку проблеми во Македонија и во светот, кому му е гајле за парче метал? Какво фајде имаме од споменик? Зарем кражбата воопшто треба да е тема?

Треба и мора да биде бидејќи крадењето на бистата на Вера Јоциќ е политичко-идеолошки чин чија крајна цел ни станува јасна токму преку молчењето на нашите власти. Зарем народната хероина е неважна личност за македонската историја та толку лесно да биде заборавена? Ќе го одбранат ли институциите нејзиниот спомен? Дали сите ние како припадници на ова општество не им должиме почит на Вера и нејзините соборци?

Молкот околу исчезнувањето на бистата е само уште еден дел на еден долготраен обид за фашизирање на македонската свест. Фашизирањето започна со отрфлање на нашето антифашистичко наследство и генерацијата којашто, борејќи се во Втората светска војна, не само што ни ја врати слободата, тука и ја создаде првата македонска држава.

Чинот на отфрлање се темелеше на два аргумента.

Прво, преку изедначување на Народноослободителната борба со најнегативните елементи на повоениот комунизам се целеше нејзините противници да се претворат во легитимна опција на политичкото мени. Сетете се на споменикот на Џемо Хаса или на восочната фигура на Ванчо Михалов.

Второ, фактот што првата македонска држава не беше независна ами сојузна единица во федеративна Југославија беше злоупотребуван за да се претстават учесниците во НОБ како недоволни Македонци, па дури и предавници на државата.

Иако ваквите аргументи потекнуваат уште од југословенското доба, и самите учесници во НОБ и подоцнежни политичари знаеја самите да се прикажат како големи Македонци, додворувајќи му се на растечкиот национализам, и нивните внатрепартиски ривали да ги демонизираат како анти-македонски Југословени, во последните децении прераснаа во цела понуда на алтернативни „народни херои“, т.е. фашистички и колаборационистички фигури од типот на Ванчо Михајлов, Спиро Китинчев и Владо Черноземски.

Имиња на улиците се сменија, старите спомен-обележја беа оставени да се ронат под забот на времето, а се изградија нови и поголеми споменици, небаре со тоа не само што ќе се освои историскиот момент, туку и просторот.

Новите идоли се нудат исклучиво по етничка линија, а таа станува најважната. Во оваа нова историографска парадигма идеолошкото, ако не е комунистичко, е сведено на неважно, а етно-националното е издигнато на толку неподносливо ниво, што прераснува во шовинизам. Никаква доблест и маана на историска личност не е важна сè додека ѝ служи на националната кауза. Па дури и фашизмот е дозволив ако е за Македонија.

Така неписмениот платен убиец Черноземски ќе стане јунак опеан во песни што се свират на „патриотски вечери“, а лидер на политичка партија ќе се запраша мртов-сериозен дали и на Анте Павелиќ сме му нашле маана. Безобразно нестварно!

Во ваквата поставеност на работите останатите етнички заедници стануваат сомнителни и неважни. Па така една Оливера Вера Јоциќ која буквално животот го дала за оваа земја станува неважна „комунистичка колонистка“.

Значи, се спори нејзината идеолошка ориентација („комунистичка“), нејзината етничка припадност („колонистка“ читајте Србинка), и тоа преку исчезнувањето на бистата и нејзиниот пол.

Колку споменици на жени има во Скопје? Зарем жените ништо не придонеле за македонската историја? Бистата е уникатна и од аспект што прикажува позната жена (Вера), но и е направена од друга значајна жена, т.е. сестрата на Вера, Видосава-Вида Јоциќ, југословенска вајарка и исто така учесничка во НОБ.

Кога националното е најважно, сите „колонисти“ коишто се бореле против фашистичкиот окупатор, години поминале во нацистички логори, па дури и сопствениот живот го жртвувале, за овој фашистички светоглед стануваат неважни историски дамки чија трага треба да се сотре. Да се сотре за да се заборави!

А треба да се заборави за да може да се прекрои и создаде поинаква историја каде губитниците од Втората светска војна одеднаш ќе станат главните борци на македонската кауза и личности што треба да се слават.

Овие губитници и нивните фиктивни придонеси за нашата држава треба да ги земат местата на вистинските народни херои и хероини: Мирче Ацев и Фана Кочовска, Стив Наумов и Ибе Паликуќа, Елпида Караманди и Бајрам Шабани, Алија Авдовиќ и Естреја Овадија-Мара.

За бистата на Вера Јоциќ, Јана Коцевска ќе напише: „Бистата беше еден редок интимен сестрински, феминистички и антифашистички артефакт сместен во окупираниот јавен простор. Бистата беше политички чин, не декор. И токму затоа сега е украдена и исчезната.“

Бистата веројатно, за жал, нема да можеме да ја вратиме. Но, одговори мора да добиеме. Четири месеца поминаа, а најмалку што можеме да направиме е да се сеќаваме. Треба да обмислиме нови начини и нов простор каде соодветно ќе се чествува Оливера-Вера Јоциќ.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став. Оваа колумна е став на авторот Лука Павиќевиќ.