Репрезентацијата на Курасао (Curacao) дебитира на Светско првенство и е најмалата држава што некогаш се пласирала на турнирот. Станува збор за мала островска земја Курасао која е уставна држава во рамките на Кралството Холандија со главен град Вилемстад.
Тимот го води 78-годишниот тренер Дик Адвокат, кој стана најстариот селектор во историјата на Мундијалите.
„Малиот Курасао нема што да изгуби додека го има своето деби на Светското првенство против Германија во Хјустон во недела“, вели тренерот Дик Адвокат.
Курасао, која во голема мера се потпира на својата дијаспора во Холандија за играчи, е најмалата нација и по население и по големина што се квалификувала за Светско првенство, но како што вели тренерот на репрезентацијата, има големи соништа и нема да се поклони пред ниту еден противник.
„Ние сме мала земја во споредба со Германија, но ќе им го отежниме животот и ќе бидеме тежок тим за играње“, изјави Адвокат пред новинарите во саботата.
„Понекогаш се случува малите тимови, аматерските тимови, да победат многу поголеми тимови. Во Холандија, ова се случува редовно. Германија ќе биде доминантен тим и ние мора да одговориме на тоа. Ќе го искористиме просторот што Германија ќе го создаде (кога ќе напаѓа) и ќе имаме корист од него“, изјави Адвокат во пресрет на натпреварот.
78-годишниот Адвокат вели дека неговиот тим не чувствува притисок.
„Немаме што да изгубиме. Очекувањата не се толку високи надвор од нас како тим, бидејќи мислиме дека можеме да ги изненадиме луѓето. Самото присуство тука е одлично за играчите и за земјата, но исто така мора да им покажеме на луѓето од што сме направени.“
Ова светско фудбалско првенство е историско поради неколку причини. Една од нив е тоа што во него учествуваат рекордни 48 репрезентации подели во 12 групи. Претходниот број на учесници беше 32.
Големиот број на национални тимови значи и најголем број фудбалери – вкупно 1.248. Од нив, 357 претходно играле на барем едно Светско првенство, 22 од нив успеале да го освојат Светското првенство, додека 891 играч за првпат ќе заиграат на вакво натпреварување.
Канада, Мексико и САД автоматски се квалификуваа за турнирот како домаќини, додека Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан ќе го имаат своето деби на Светското првенство.
Натпреварите ќе се играат во вкупно 16 града: 11 американски, три во Мексико и два во Канада.
Ова ќе биде и првото Светско првенство на кое домаќини се три земји. Претходно, само во 2002-та домаќини беа повеќе од една нација – Јужна Кореја и Јапонија. Мексико, пак, е првата земја во која се одржале три Мундијали, откако беше домаќин во 1970 и 1986 година.
Ова е 23. Светско првенство што го организира ФИФА. Минатото во 2022 се одржа во Катар, а во финалето Аргентина на пенали ја победи Франција.
Рекордер со освоени златни медали на Мундијалите е Бразил кој пет пати беше светски шампион. По него со по четири титули следуваат Германија и Италија, додека Аргентина има три, Франција и Уругвај по две, а Англија и Шпанија се со по една титула.


