Украински дронови ја нападнаа најголемата рафинерија во Москва

Објавено:

Украински дронови денеска извршија масовен напад врз Москва, при што цел беше Московската рафинерија за нафта (MOР), објави градоначалникот на рускиот главен град, Сергеј Собјанин. Според него, едно од беспилотните летала оштетило објект на територијата на претпријатието, а повредени нема, пренесе Ројтерс.

Главната дирекција на Министерството за вонредни ситуации во Москва прецизираше дека како резултат на нападот, избувнал пожар во фабриката. „Нема опасност од ширење на пожарот. Ситуацијата е под контрола на службите за итни случаи“, нагласи одделот. Според Собјанин, во рок од два часа, Москва била нападната од вкупно 60 беспилотни летала.

Информацијата ја потврди и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е на самитот на Г-7 во Евијан на покана на домаќинот, Франција.

„Овој пат, Московскиот регион тестираше колку далеку може да стигне досегот на Украина. Рафинерија за нафта беше погодена од 500 километри. Ова е едноставно одговор на руските напади – и на долготрајната војна, која мора да заврши“, напиша Зеленски на социјалната платформа Икс.

Московската рафинерија за нафта припаѓа на „Гаспром нефт“. Номиналниот капацитет на претпријатието е околу 14 милиони тони нафта годишно. Фабриката обезбедува околу 40% од пазарот на гориво во Москва и 70% од потребите на Московскиот регион за бензин и авијациско гориво.

Објектот претходно беше нападнат од украински беспилотни летала на 17 мај. Тогаш беа повредени 12 лица од градежна смена. Според извори на Ројтерс, не е оштетена опрема, но фабриката ја прекина преработката на нафта со цел да се намали ризикот од посериозни последици.