Осум дена притвор доби скопјанецот што пред два дена (15 јуни) ги потпали дипломатските возила пред амбасадата на Република Бугарија во центарот на Скопје, потврдија од Основниот кривичен суд Скопје.
Тој е осомничен за кривичното дело „предизвикување општа опасност“, а од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бараа притвор од повеќе причини.
„Имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на предметното кривично дело, фактот што било извршено врз две дипломатски возила на пладне, во центарот на Скопје, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел на градот е голема, јавниот обвинител оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерката притвор“, велат од ОЈО Скопје.
Осомничениот е 44-годишен скопјанец. Дента кога ги запали дипломатските возила, тој излегол од дома и со автобус дошол до центарот на Скопје.
Според Обвинителството, од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише, ја преминал улицата и се доближил до двете дипломатски возила кои биле паркирани пред амбасадата.
Ги полеал со бензин и потпалил со запалка, по што го напуштил местото.
Случајот предизвика остри реакции во бугарската јавност и од бугарските власти и политички партии, а осуда имаше и од македонските власти.


