Лицето кое денеска опожари дипломатско возило на амбасадата на Република Бугарија, по што пожарот се проширил и на уште едно возило е пронајдено и уапсено, информираа од Министерството за внатрешни работи.
„Станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка“, соопшти МВР.
Бугарската претседателка Илијана Јотова попладнево остро го осуди палењето автомобили во бугарската амбасада во Скопјe и го опиша случајот како напад врз дипломатска мисија, што покренува прашања за безбедноста на странските мисии во Република Северна Македонија.
„Ова не е обично кривично дело, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија, што ја доведува во прашање способноста на властите во Република Северна Македонија да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со нивните меѓународни обврски.Очекувам итни, транспарентни и ефикасни дејствија од страна на надлежните органи во Скопјe за идентификување и казнување на сторителите и нивните евентуални поттикнувачи“, ја пренесуваат изјавата на Јотова, бугарските медиуми.
Таа го поврза инцидентот со континуираните тензии и антибугарските чувства во соседната земја.
„Загрижувачки е што овој инцидент се случува во позадина на континуирана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција, која со години останува без потребниот институционален отпор. Ваквите дејствија не се случуваат во вакуум – тие се директна последица на всадувањето омраза и неказнивост“, вели бугарската претседателка.
Според неа, реакцијата на властите во Скопјe ќе покаже колку земјата е посветена на принципите на владеење на правото и добрососедските односи.
Претходно и македонското Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) и Владата го осудија инцидентот и побараа од надлежните институции „експресно расчистување на случајот и санкции за сторителите“.
Попладнево министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски телефонски разговарал и со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова и ја информирал дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и казнување на сторителот.
Сличен инцидент се случи и во јануари годинава, кога беше искршена влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Сторителот набрзо беше откриен и приведен.
Бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, по инцидентот изјави дека настанот не може да се третира како изолиран инцидент, затоа што станува збор за дел од поширок контекст на, како што рече, напади и притисоци насочени кон бугарски институции и граѓани во Северна Македонија.


