Автомобил со дипломатски таблички паркиран пред амбасадата на Бугарија во Скопје беше опожарен денеска. Пожарот набрзо се проширил и на вториот автомобил кој бил паркиран пред него.
Полицијата вели дека во пожарот нема повредени лица, а тој бил изгаснат и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Според првичните информации, напаѓачот го запалил автомобилот „Сузуки витара“, по што пожарот се проширил на вториот автомобил марка „Киа“ паркиран во близина. Од Министерството за внатрешни работи велат дека нема официјална информација за причините за пожарот, но додаваат дека се преземаат мерки за утврдување на сите околности околу настанот.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) и Владата го осудија денешниот инцидент и побараа од надлежните институции „експресно расчистување на случајот и санкции за сторителите“.
„Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава. Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран“, велат во кусото соопштение на Владата.
Претходно во јануари годинава, беше искршена влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Сторителот набрзо беше откриен и приведен. Бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, по инцидентот изјави дека настанот не може да се третира како изолиран инцидент, затоа што станува збор за дел од поширок контекст на, како што рече, напади и притисоци насочени кон бугарски институции и граѓани во Северна Македонија.
Радуков тогаш како причини ги наведе долготрајниот антибугарски дискурс во јавниот простор и, според него, отсуството на ефикасни санкции за вакви дејствија.
„Кога нема соодветна казна, се создава чувство дека ваквото однесување е дозволено. Наместо превенција, се охрабрува антагонизам“, изјави амбасадорот.


