Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска донесе едногласна одлука да поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управниот и надзорниот одбор на АД ТЕЦ „Неготино“.
Пријавените лица незаконски го продолжиле својот работен ангажман и по престанокот на нивните функции – се наведува во предметот.
Наместо преку јавен оглас, како што налага Законот за трговски друштва во државна сопственост, функционерите останале на работа, а како оправдание им биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот“, образложи членот на Антикорупциската комисија, Сервет Демири.
„Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски дгоговори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале. Тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори“, додаде Демири.
По разгледување на документацијата, ДКСК утврдила дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси, против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган.
ДКСК исто така извести дека 43 лица кои се именувани или разрешени во февруари не ја исполниле законската обврска за пријавување на имотната состојба и судир на интересите и за нив ќе биде издаден прекршочен платен налог кој е казнив.


