Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, објави дека почнувајќи од денеска, САД ќе им помагаат на заглавените бродови да поминат низ Ормускиот Теснец, јави агенцијата Ројтерс.
„За доброто на Иран, Блискиот Исток и САД, им кажавме на овие земји дека безбедно ќе ги водиме нивните бродови надвор од овие ограничени водни патишта“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Тој не прецизира кои земји ќе добијат помош.
Трамп рече дека САД ќе се справат со сила со секое мешање во процесот, што го нарече „Проект слобода“.
Ирански пратеник Ебрахим Азизи напиша на социјалните медиуми дека секое американско мешање ќе се смета за кршење на прекинот на огнот.
Трамп истовремено кажа дека американските претставници имале многу позитивни разговори со Иран, „што би можело да води кон нешто многу позитивно“. Иранските државни медиуми вчера соопштија дека Техеран добил одговор од САД на својот последен мировен предлог. Одговорот, доставен преку Пакистан, се разгледувал.
Предлогот на Техеран вклучуваше често објавувани услови кои би повикале на повторно отворање на Ормутскиот теснец и прекин на блокадата на САД врз иранските пристаништа, додека разговорите за нуклеарната програма на Иран би се оставиле за подоцна.
Други ирански услови вклучуваат отстранување на американските сили од областите околу Иран, ослободување на замрзнатите ирански средства, исплата на компензација за воена штета, евентуално укинување на санкциите против Техеран и прекин на сите борби, вклучително и во Либан.
Трамп постојано повторуваше дека Иран никогаш не може да има нуклеарно оружје и во петокот изјави дека не е задоволен од најновиот ирански предлог, додека министерот за надворешни работи на Иран изјави дека Техеран е подготвен за дипломатија доколку САД го променат својот пристап.
Иран драстично го ограничи сообраќајот низ Теснецот откако почна војната на 28 февруари, додека САД воведоа поморска блокада на иранските пристаништа, што ги зголеми цените на нафтата.


