Пожарите отвораат нови фронтови, нов пожар кај Стенковац, чад повторно над Скопје

Објавено:

Пламените јазици кај месноста Рамно денеска отворија нов фронт за скопските пожарникари. Огнот се шири на територијата на општина Чучер Сандево, каде гори мешана шума, а ситуацијата се влошила околу пладне. Поради тоа, сите воздухоплови се пренасочени кон ова жариште. Од земја во гаснењето се вклучени припадници на Армијата, огнените тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и скопските пожарникари. Дополнително избувна и нов пожар кај спортскиот аеродром „Стенковец“, каде што гори дива депонија со наталожен отпад, а ветрот го носи часот и од пожарот во Скопска Црна Гора, каде гори два дена.

Активен е и пожарот што од косовска територија се префрли на македонска страна, кај Ѓорче Петров. И денеска граѓаните од овој дел на Скопје повторно го почувствувале мирисот на чад. Ветерот дополнително го разнесува чадот кон скопската котлина, поради што над делови од градот е формирана густа сивкаста завеса. Видливоста кон околните планини е значително намалена, а миризбата на изгорено се чувствува на повеќе локации.

Ново огниште денеска избувна и зад зградата на МРТВ. Сувата трева брзо се запалила, а огнот зафатил и дрвја. Пожарот за кратко време бил локализиран.

Со огнените стихии екипите се борат и во Македонски Брод, кај селото Белица, како и во општините Ново Село, Брвеница и Липково.

Во исто време, ситуацијата е постабилна на пет локации, каде пожарите се ставени под контрола. Во Струга, Кичево и Сарај, кај селото Копаница, огнот зафатил нискостеблеста шума и ниска вегетација. Под контрола е и пожарот на градската депонија во Делчево.

Паралелно со гаснењето, надлежните ги утврдуваат и причините за избувнувањето на пожарите. Полицијата привела 38-годишен жител на Македонски Брод, по пријава дека вчера околу 10 часот предизвикал пожар во селото Брезница.

Првата седмица од септември завршува со триесетина пожари дневно – доволно силна порака дека опасноста сè уште не е мината. Екипите остануваат на терен, а надлежните повторно апелираат на максимална внимателност.

Во услови на сува вегетација и високи температури, една искра може за минути да претвори мало огниште во пожар кој тешко се става под контрола.

Последни објави