Македонските тинејџери имаат проблем со читање и решавање на математички задачи, е накусо резултатот од последното тестирање на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА). Последните резултати покажуваат сериозен пад во вештините на македонските ученици и сериозен недостиг на внимание предизвикан од дигитални уреди.
Македонските 15 годишни ученици имаат послаби резултати по математика во споредба со 2022 година, додека постигнувањата по читање и наука остануваат на приближно исто ниво, покажуваат резултатите. Во Македонија тестирањето го завршиле 6.977 ученици од 124 училишта, кои претставуваат околу 16.700 петнаесетгодишници во земјата. ОЕЦД наведува дека македонските податоци ги исполнуваат стандардите за квалитет на ПИСА и се соодветни за објавување и анализа.
Основното ниво од нив го достигнале 32 отсто од учениците во Македонија, наспроти 65 отсто во просекот во земјите кои се дел од Организацијата за економска соработка (ОЕЦД). Тоа значи дека македонските ученици се под основниот праг од што ПИСА го смета за минимална функционална математичка писменост.
Станува збор за способност ученикот да препознае како едноставна животна ситуација може математички да се претстави, односно да спореди две растојанија или да пресмета промена на вредноста на цени од една во друга парична валута. Само еден процент од македонските ученици се меѓу најуспешните, на петтото или шестото ниво, додека просекот на ОЕЦД е осум проценти.
Голем проблем за македонските 15 годишни ученици е и читањето. Само 26 отсто од македонските ученици опфатени со ПИСА 2025 го достигнале најмалку основното, второ ниво на способност за читање. Просекот на ОЕЦД за ученици кои го достигнале најмалку ова ниво е 69 отсто.
Тоа значи дека три четвртини од тестираните ученици имаат тешкотии со вештини како препознавање на главната идеја во текст со умерена должина, пронаоѓање информации според зададени критериуми и размислување за целта и формата на прочитаното. Кај науката, околу 36 проценти од учениците во земјава ги совладале основните концепти.
Резултатите покажале дека како минимум, овие ученици можат да го препознаат точното објаснување за познати научни феномени и можат да го користат таквото знаење за да идентификуваат, во едноставни случаи, дали заклучокот е валиден врз основа на дадените податоци. Во оваа област ниту еден ученик не се искачил на највисоките нивоа 5 или 6.Околу 26 проценти од учениците во постигнале ниво 2 или повисоко во читање, а ниту еден ученик не достигнал до највисоките нивоа.
„Како минимум, овие ученици можат да ја идентификуваат главната идеја во текст со умерена должина, да најдат информации врз основа на експлицитни, иако понекогаш сложени критериуми и можат да размислуваат за целта и формата на текстовите кога се експлицитно насочени кон тоа“, се наведува во резултатите.
Технологијата ги направи дигитално расеани
Во однос на употребата на технологијата, дури 33 проценти од учениците во Северна Македонија пријавиле дека нивните соученици често се расеани од дигиталните уреди за време на часовите по наука, што директно се одразува врз постигнувањата – оние кои пријавиле дигитално расејување постигнале во просек за 22 поени пониски резултати. Во обид да го сузбијат овој проблем, 60 отсто од училиштата во земјава вовеле забрана за користење мобилни телефони.
Истовремено, вештачката интелигенција станува секојдневие за македонските ученици. Дури 44 проценти од нив изјавиле дека користат вештачки чет-ботови за училишни задачи барем еднаш неделно, главно за прелиминарни истражувања, сумирање текстови и подготовка на писмени состави.
„Околу 18 отсто од учениците во неповолна положба во Северна Македонија беа во можност да постигнат резултати во највисокиот квартал од научните достигнувања. Овие ученици може да се сметаат за академски отпорни бидејќи, и покрај нивната социо-економска неповолна положба, тие постигнале образовна извонредност во споредба со учениците во нивната земја“, се наведува во резултатите.
Позитивен тренд е забележан кај односот со наставничкиот кадар, каде 80 отсто од учениците наведуваат дека наставниците покажуваат интерес за нивното учење и им даваат дополнителна помош. Од друга страна, забележан е пад на семејната поддршка и дискусиите за училишните проблеми во домашниот амбиент во споредба со 2022 година, како и зголемување на стапките на отсуство од часовите и доцнење на училиште.


