Истрага за медиумски фирми од ерата на Орбан

Објавено:

Унгарската полиција објави дека ги истражува компаниите на медиумски магнат во земјата кој добил профитабилни договори за време на владата на Виктор Орбан, поради сомневање за проневера и перење пари.

Како што јавува Ројтерс, Ѓула Баласи, сопственик на неколку водечки медиумски компании кои повеќе од една деценија организирале кампањи за Орбан, изјавил дека ги понудил своите компании и дел од своите инвестиции на државата додека новата влада на Петер Маѓар ја презема власта.

„Јас ги понудив моите компании на државата ама не затоа што кријам нешто или затоа што направивме нешто нелегално или погрешно“, изјави Баласи, додавајќи дека сметките на неколку од неговите компании биле замрзнати минатата недела.

Групацијата „Лаунџ“ на Баласи засега не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

Маѓар, чија централно-десничарска партија Тиса го собори Орбан по 16 години власт на изборите во април, треба да положи заклетва како премиер на 9 мај. Тој вети дека ќе се справи со корупцијата и ќе го „врати украдениот државен имот“.

На 28 април, Маѓар соопшти дека даночните власти во Унгарија блокирале трансфери на средства во странство од непознати лица поврзани со соработник на Орбан.

Врз основа на информациите дадени од специјалната единица на даночната администрација на НАВ, започната е истрага за проневера и перење пари „против непознат сторител“, објави полицијата.

„Оваа постапка вклучува истрага за прашања поврзани со компании кои организираат настани, што самиот директор ги откри во медиумите“, соопшти полицијата, повикувајќи се на интервјуто што Баласи го даде за порталот Контрол.

„Средствата беа запленети, а сметките замрзнати“, додаде полицијата.

Полицијата изјави дека започнала посебна истрага против истата група компании „во врска со преценети договори поради сомневање за злоупотреба на средства“.

Компаниите на Баласи ја организирале антиукраинската изборна кампања на Орбан, која ги претстави априлските избори како избор помеѓу војна и мир, а меѓу другото, и неговите антиимиграциски кампањи во минатото, добивајќи стотици договори од Националната канцеларија за комуникации на Орбан.

Транспаренси Интернешнл објави дека само во периодот од 2019 до 2021 година, компаниите на Баласи, „Лаунџ Дизајн“, „Њу Ленд Медиа“ и „Медиа Дајнамикс“, добиле државни договори во вкупен износ од 295 милијарди форинти, односно 960,38 милиони долари, главно од Националната канцеларија за комуникации, која беше задолжена за кампањите на Орбан и беше клучна за победата на последните избори.