В среда повторно ќе се чисти Скопје

Објавено:

В среда во 11 часот ќе продолжи акцијата за чистење на Скопје, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Повторно со илјадници волонтери, во сите скопски општини, со силна волја да покажеме колкава промена можеме да направиме кога работиме заедно. Ќе чистиме на повеќе од 50 локации – паркови, улици, пешачки патеки, јавни површини и простори меѓу зградите. Секое маало е важно. Секој дел од Скопје заслужува внимание, грижа и чиста околина“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој најави дека во акцијата за чистење на Скопје повторно ќе се вклучат општините, градоначалниците, учениците и сите граѓани што сакаат да вложат дел од своето време за заедничко добро.

Овие акции ќе ги има по двапати месечно, со цел грижата за јавниот простор да стане трајна навика и заедничка одговорност.

За точните локации и начинот на приклучување, граѓаните треба да се информираат во нивната општина.

Претходно, ваква акција имаше на 30 септември.