Рускиот дипломат Александар Красиj стана акредитиран помошник воен аташе во Србија оваа година, по пет години откако бугарските медиуми објавија дека бил протеран од Бугарија во шпионски скандал што избувна меѓу Софија и Москва, јави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Протечените податоци од руските бази укажуваат дека Александар Красиј е поврзан со руската воена разузнавачка служба (ГРУ). Истражувањето на РСЕ покажало дека Красиј бил во Србија околу една година по неговото протерување од Бугарија, но дури во 2026 година се појавил на дипломатскиот список како помошник воен аташе.
Красиј беше протеран од Бугарија во тек на истрага во која шест руски државјани беа обвинети за вмешаност во серија експлозии во текот на една деценија.
Бугарските обвинители во тоа време изјавија дека постои „разумна претпоставка“ дека експлозиите што потресоа четири магацини и производствени погони во Бугарија помеѓу 2011 и 2020 година се поврзани со труењето на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев во 2015 година, како и со експлозијата во чешките складишта за муниција во 2014 година.
Во претходно истражување во 2023 година, РСЕ објави дека тројца руски дипломати ја почнале својата дипломатска мисија во Србија откако биле протерани или ставени на црна листа од земјите на ЕУ во месеците по руската инвазија на Украина во 2022 година. Едниот од нив бил поврзан со единица на Федералната служба за безбедност (ФСБ) обвинета за сајбер – напади врз енергетскиот сектор на САД, а другиот со Руската служба за надворешно разузнавање. Едниот од нив сè уште е руски дипломат во Србија.
Дипломатскиот список на Србија од септември 2026 година вклучува 79 руски дипломати, додека во 2023 година имало 62.


