Околу 104.000 државјани од „трети земји“ со постојано право на престој во Словенија да не можат да гласаат на локални избори во оваа земја, се изјаснија 55,29 отсто словенечки граѓани на вчерашните референдуми во оваа земја. Прашањето за право на глас на странците на локални избори беше едно од четирите референдумски прашања.
Со тоа, мнозинството ја поддржа одлуката со која граѓаните кои немаат словенечко или пасош од друга земја членка на ЕУ – вклучувајќи ги и илјадниците Македонци кои живеат во Словенија – се исклучуваат од гласање на претстојните локални избори во ноември.
Укинувањето на правото на глас се однесува на сите државјани на земји надвор од Европската Унија (т.н. „трети земји“) кои имаат регулиран постојан престој во Словенија. Освен за Македонците, одлуката се однесува главно на државјани на земјите од поранешна Југославија, односно на Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и на Косово, кои живеат во Словенија. Одлуката не се однесува на државјаните на Хрватска кои се во Словенија, бидејќи Хрватска е членка на ЕУ.
Против оваа одлука гласаа 44,71 отсто гласачи на референдумот, кој е советодавен, однсоно не е обврзувачки.
- Владејачката коалиција во Словенија предводена од премиерот Јанез Јанша во јуни годинава ги изгласа измените во Законот за локални избори со кои се укинува ова право. Уставниот суд на Словенија го одби барањето на опозицијата за привремена суспензија на законот, со што одлуката останува во сила за локалните избори закажани за 15 ноември 2026 година.
- Странските државјани со постојан престој (од земји надвор од ЕУ) речиси 24 години имаа право да гласаат на словенечките локални избори, почнувајќи од 2002 година.
- Според надлежните министерства, гласачите од трети земји учествувале само со помалку од еден процент од сите гласови дадени на локалните избори во 2022 година (0,84 проценти).
На повеќе од 3.000 избирачки места Словенците вчера гласаа на четирите референдуми, три советодавни и еден законодавен. Советодавните референдуми не се обврзувачки.
Ова гласање се смета за прв тест за десничарската влада на Јанез Јанша откако беше формирана во јуни оваа година, но и колку успешно власта и опозицијата можат да ги мобилизираат своите гласачи.


