МВР ќе суспендира шест полицајци за насилството врз две момчиња за кое реагираше ДУИ

Објавено:

Против шест полицајци ќе се поведе постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и отстранување од работното место односно суспензија, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).

Станува збор за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата во случајот од 7 октомври за кој остро реагираше опозициската ДУИ, а во кој беа повредени две момчиња во Скопје.

МВР тогаш најави дека внатрешна контрола ќе постапува, по што денес излезе со соопштение за исходот од постапката.

„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија“, велат од МВР.

Кога се во прашање кривичните пријави за настанот, оттаму додаваат дека од страна на надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачења и по документирање на целиот материјал, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

ДУИ изминативе денови објави фотографии од повредените момчиња, како и видеоснимка од настанот. Покрај истрага, од опозициската партија бараа и оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, кој доаѓа од редовите на нивниот политички ривал ВЛЕН.

Од партијата претходно се огласија изразувајќи „длабока загриженост“ и порачувајќи дека треба да има „нулта толеранција за насилството“.