Мицкоски ветува просечна плата од 1.000 евра во 2028

Објавено:

Од историја до европска иднина, од мочуриште и талог – како што ги нарекува своите противници, до амбиции и големи цели, од извоз, економски раст до просечна плата и стандард на живот…

Сето ова беа дел од темите за кои зборуваше премиерот Христијан Мицкоски на Свечена академија што Владата ја организира на Спомен костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“ во чест на денешниот празник, 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари“, рече Мицкоски.

Крајот на четиригодишниот мандат на актуелната влада е пролетта 2028 откако беше формирана по изборите што се одржаа во мај 2024 година.

Зборувајќи за празникот, Мицкоски порача оти најголема одговорност е да се изгради татковина која нема само да ја слави својата историја туку држава која ќе создава нови победи за историја.

„Доста е од мали амбиции – нам ни требаат големи цели“, рече тој и продолжи:

„Доста е од мали амбиции и изгубени можности. Предолго се задоволуваше со просечност. Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува. Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех.“.

Мицкоски оцени дека најголемата национална битка е таа за младите.

„Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро? Точно е дека е многу тешко. Иако гласно не зборам, за тоа сочувствувам со секоја тешка судбина која ќе ја слушнам низ разговори или медиуми. И би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го давам последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме, да подигнеме цврст дом на темелите кои одново ги ѕидаме“, рече премиерот.

Тој зборуваше и за евроинтеграциите на земјава, кои се заглавени поради обврската Македонија да направи уставни измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Конкретно се осврна на ова отворено прашање со Бугарија порачувајќи дека „бараме светот да се прилагодува на нас“ туку „да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите“.

Вистинската европска иднина, според него, мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава, а не со чувство на пораз.

„Нашата цел е европска иднина. Но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации“, рече Мицкоски.

Пораки за празникот упатија и останатите претставници на државниот врв. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека е „време да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом“.

„Ние имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава“, порача Сиљановска-Давкова.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој вели дека Денот на народното востание е симбол за храброст, слобода и достоинство.

Најголемата опозициска партија, СДСМ, вчера организираше марш во Прилеп за 11 Октомври. Партискиот лидер Венко Филипче рече оти „нашите предци се изборија за своја држава, а наша историска задача е младите да останат да живеат во Македонија“.

Тој нагласи дека денешната борба за Македонија е борба против корупцијата и криминалот, но и борба за подобар живот, достоинство и сигурност за сите граѓани – работниците, земјоделците, наставниците, лекарите, младите и пензионерите.

„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт. Борбата за Македонија, другарки и другари, денеска е борба против нејзина распродажба. За рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродажба за туѓи профити и за провизии. Борбата за Македонија е борба против воскреснувањето на фашизмот и фашистичките методи на владеење“, порача Филипче од вчерашниот марш.