Опозицискиот СДСМ побара оставка и одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по случајот со Ива Михаилова, која, како што велат од партијата, ја напуштила државата и покрај тоа што ѝ биле одземени и македонскиот и бугарскиот пасош. Прашуваат како Михаилова ја поминала границата кога ниту македонските граничари регистрирале излез од земјава ниту бугарските граничари регистрирале влез во Бугарија.
„Еве денес прашање: како излегла Михаилова од земјата ако ѝ се одземени двата пасоши? И бугарскиот и македонскиот? Панче само да не каже дека правел хиперхлорирање па не можел да се занимава со пограничната работа на полицијата што е во неговиот сектор. Границата не е решето само за дрога и за бегалци од правда. Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО границата е решето и кога судот ќе забрани“, соопштија од СДСМ.
Демократскиот сојуз(ДС), партија дел од владејачката коалиција, бара итна истрага за уврдување на одговорноста за бегството на Михаилова, откривање на евентуалните помагачи и кривична одговорност за сите лица за кои ќе се утврди дека го организирале или овозможиле бегството. Од оваа партија посочуваат на евентуална вмешаност на нејзиниот адвокат.
„Михаилова беше обвинета за учество во сообраќајна несреќа со смртни последици, а со бегството стана недостапна за правосудните органи. Правдата мора да биде еднаква за сите, без привилегии и недопирливи поединци.
Бараме МВР, Царинската управа и Јавното обвинителство да утврдат како било можно таа да ја напушти државата и дали во тоа учествувале или потфрлиле полициски и царински службеници“, соопшти ДС.
Оттаму велат дека особено загрижува што бегството се случило во моментот кога беше прифатена можноста нејзината здравствена состојба да биде проценета и од бугарски лекари. Според Демократски сојуз, „ова отвора сомнежи дали целта била да се избегне независна медицинска процена, која можеше да даде одговор на прашањето дали нејзината состојба навистина била животозагрозувачка и дали претходните судски одлуки биле оправдани“.
Опозициската Левица оцени дека „МВР под раководство на министерот Панче Тошковски потфрла во своите најосновни задачи„.
„Министер што не може да гарантира контрола на границите нема кредибилитет да ја води безбедносната политика на државата! Уште колку луѓе треба да ни избегаат за да признаеме дека безбедносниот систем ни е крахиран? Границите ни се швајцарско сирење – криминалот, шверцот и бегствата од правдата со години ја разобличуваат неспособноста на МВР да ја контролира сопствената територија“, соопштија од Левица.
Од партијата прашуваат дали кога министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски пред неколку дена во Софија преговараше за македонско-бугарските односи и бугарското вето, „зад затворени врати се договарало замижување пред бегството на Михаилова во замена за бугарско попуштање околу ветото?“.
23-годишната Бугарка Ива Михаилова ја напушти Северна Македонија по месеци правни спорови околу потребата од специјализиран третман за повредите што ги доби по сериозната несреќа и ќе се лекува во универзитетската болница „Пирогов“. Таа изјави дека нејзиното преминување на граничните премини поминало непречено.
Но, од македонското Министерство за внатрешни работи велат дека не е евидентиран нејзин излез од Македонија преку граничен премин, ниту пак бугарската страна ја регистрирала дека влегла во Бугарија преку граница.
Јавното обвинителство, пак, соопшти дека на Михаилова по предлог на јавен обвинител уште од 09.10.2025 година и биле одземени двата пасоши (македонски и бугарски), ѝ била изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице.


