На улиците во Тирана излегоа илјадници граѓани, барајќи оставка од албанскиот премиер Еди Рама, а протестот прерасна во насилни судири со полицијата.
Во инцидентите биле повредени осум лица, меѓу кои полицаец, двајца медиумски работници и петмина демонстранти.
Протестот се одржа на 114-годишнината од независноста на Албанија и првично поминал мирно.
Но, подоцна групи маскирани демонстранти почнале да кршат прозорци на владини згради и да фрлаат молотови коктели. Полицијата возвратила со солзавец и водени топови, откако била нападната со камења. Биле оштетени и улични камери.
Според албанското Министерство за здравство, осум лица биле примени во Универзитетската трауматолошка болница. Еден од повредените новинари е странски државјанин. Сите хоспитализирани се во стабилна состојба, а медицинските екипи згрижиле уште тројца демонстранти на местото на протестот.
Незадоволството од владата на Рама трае со месеци. Протестите започнаа кон крајот на мај, првично поради противењето на голем туристички проект на јужниот брег на Албанија, поврзан со инвестициската компанија на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Подоцна им се приклучија и студенти, кои бараа подобро образование и повисок животен стандард.
Со текот на времето, барањата се проширија, а оставката на Рама стана главна цел на демонстрантите.
Владата, во меѓувреме, воведе казни до 5.573 евра за насилство, грабежи и прикривање на идентитетот за време на протестите.


