Гостиварка се бори за живот по дводневно претепување од сопругот, ЈОРСМ прибира докази

Објавено:

На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје синоќа во животозагрозувачка состојба по претепување од сопругот, примена е жена од Гостивар родена 1984 година.

Според неофицијални информации кои се повикуваат на болнички извори, таа е со скршен череп, крварење во мозок, сериска фрактура на ребра, воздух во плевра и полупаднато едно белодробно крило. Сниман бил и абдоменот поради тоа што сопругот ја клоцал во стомак.

Случајот во полиција го пријавил таткото на повредената жена, а екипата на Итната медицинска помош ја пронашла жената во бесознание.

Таа најпрво била пренесена во гостиварската болница, каде што ѝ била укажана медицинска помош, а потоа била транспортирана на скопските клиники.

Во Ургентниот центар во Скопје била примена вчера во 18:08 часот.

Според болнички извори на „Слободен печат“, жената им кажала на лекарите и на полицијата дека сопругот ја тепал два дена.

Од СВР Тетово го потврдија случајот и информираа дека сопругот е лишен од слобода и однесен во полициска станица. Повеќе информации за околностите под кои се случило насилството се очекуваат денеска.

Од Јавното обвинителство (ЈОРСМ), на новинарско прашање дали ќе има притвор за сопругот на претепаната жена, соопштија дека правната квалификација ќе биде одредена согласно со доказите.

„Сторителот е обезбеден и се постапува. Се преземаат сите дејствија за итно прибирање докази, согласно со воспоставената процедура за итна координација и постапување по пријави за семејно насилство. Вклучени се и полициски службеници и Центарот за социјални работи“, се вели во одговорот од обвинителството.

Случајот во Гостивар доаѓа само два дена по одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември, и во периодот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.