Почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен уредник на дескот на Радио Скопје

Објавено:

На 78-годишна возраст почина Мојсо Мојсовски, новинар и уредник, кој најголемиот дел од работниот век го помина во Македонското радио – Радио Скопје.

Мојсовски е роден на 8 септември 1948 година во Скопје.

Македонското новинарство загуби уште еден искусен професионалец. Мојсовски професионалната кариера ја изгради во радиото, каде што извршуваше повеќе одговорни задачи.

Меѓу нив особено се издвојуваат работата како уредник на дескот и ангажманот како уредник и водител на Пладневниот радиовесник, една од култните информативни емисии.

Дел од своето новинарско искуство го пренесе и во македонската редакција на „Дојче веле“.

Колегите ќе го паметат и како искусен ментор, кој на помладите генерации им ги пренесуваше професионалните вредности, одговорноста и посветеноста на новинарската работа.

Покрај новинарството, голема љубов му беше и родниот град. На Скопје му посвети неколку изданија на својата книга, во кои преку спомени и лични записи ги зачувуваше приказните за неговите улици, некогашниот изглед и градскиот дух.

Многу години беше активен и во Одборот на скопските бадникари, заедно со Марко Илковски.

Зад Мојсовски остануваат долгогодишната новинарска работа, придонесот во Македонското радио и спомените на колегите и слушателите кои со години го следеа неговиот глас.

Погребот ќе се одржи во вторник, 1 декември, во 12 часот.