Минималниот износ на регресот за годишен одмор (К-15) за 2026 година во приватниот сектор изнесува 19.516 денари, додека во јавниот сектор е околу 13.560 денари. Работодавачите имаат уште еден месец да го исплатат, бидејќи крајниот рок за тоа е 31 декември.
Разликата во висината на регресот произлегува од различните колективни договори, кои предвидуваат посебни основици и проценти за пресметка.
За да стекне право на К-15, работникот треба да има најмалку шест месеци работа кај истиот работодавач во текот на календарската година.
Во приватниот сектор, согласно Општиот колективен договор за стопанството, регресот изнесува најмалку 40 отсто од просечната нето-плата во државата за последните три месеци за кои се објавени податоци. Со колективен договор на ниво на дејност или работодавач може да биде утврден и повисок износ.
Во јавниот сектор регресот изнесува најмалку 30 отсто од просечната месечна нето-плата исплатена во претходната година. Исплатата е условена и со ненегативен реален раст на БДП во најмалку едно од претходните четири тримесечја.
Доколку приватна фирма поради финансиски тешкотии исплати понизок износ, тоа мора да биде уредено со соодветна спогодба, по претходни консултации со синдикатот или со претставник избран од работниците. Само усно образложение од работодавачот не е доволно за намалување на регресот.
Работниците кои ги исполнуваат условите, а нема да добијат К-15 до 31 декември, можат да поднесат пријава до Државниот инспекторат за труд, по име или анонимно. Препорачливо е да ги зачуваат договорот за вработување, банкарските изводи и евентуалната писмена комуникација со работодавачот.


