Една жена загина, а две лица се повредени во новите руски напади врз украинскиот град Запорожје, соопштија локалните власти.
Меѓу повредените има и дете, објави на Телеграм Михајло Семекин, шеф на регионалната администрација.
Во нападот е уништена една куќа, а оштетени се и повеќекатни станбени згради и две образовни установи, додаде тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјави дека Русија во наредните денови планира нов масовен напад врз Украина.
„За жал, имаме информации за нов масовен напад што го подготвуваат Русите. Ве молам, обрнете внимание на предупредувањата за ракетни закани во наредните денови. А во Русија треба да знаат дека ќе го обновиме она што е наше и ќе одговориме на секој напад“, рече Зеленски.
Ова беше второ предупредување што украинскиот претседател го упати во текот на оваа недела.
Руските сили од септември спроведуваат речиси непрекинати, целодневни напади врз Киев и други украински градови.


