Шпанците денеска излегуваат на предвремени парламентарни избори, кои би можеле да донесат десничарска коалиција и да ја заменат малцинската влада предводена од социјалистите на премиерот Педро Санчез, еден од последните левичарски лидери во Европа.
Зошто Шпанија гласа токму сега?
Санчез ги распиша изборите откако парламентот на 2 октомври ги отфрли неговите декрети за справување со сè поголемото незадоволство поради растот на кириите и иселувањата.
Тој ги предложи мерките по серијата протести предизвикани од иселувањето и потоа смртта на 87-годишната Марикармен Абаскал, откако месечната кирија за нејзиниот долгогодишен дом во Мадрид беше зголемена од 570 на 1.650 евра.
Распишувањето на изборите беше широко оценето како обид да се искористи бранот протести поради станбеното прашање и да се поправи политичката штета предизвикана од мигрантската криза во шпанската северноафриканска енклава Сеута, тешката железничка несреќа во јануари и истрагите за корупција во кои се вклучени лица од најблиското опкружување на Санчез.
На 28 октомври се случи уште една железничка несреќа, а засега се чини дека планот на Санчез да ја мобилизира левицата не ги дава очекуваните резултати.
Кој води во анкетите?
Речиси сите анкети на јавното мислење укажуваат на можноста за коалиција меѓу конзервативната Народна партија (ПП) и екстремно десничарската партија Вокс, како единствена комбинација што би можела да освои апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот, кој има 350 места.
Според анкетите, ПП се очекува да биде најголемата партија со околу 31 насто од гласовите, додека Вокс има поддршка од приближно 18 проценти, особено меѓу помладите и машките гласачи.
Социјалистичката партија на Санчез (ПСОЕ), и покрај неодамнешниот умерен раст на поддршката до речиси 30 отсто, се очекува да заврши на второто место, со мала разлика зад ПП.
Партиите лево од социјалистите, кои би биле клучни за формирање коалиција, заедно имаат поддршка од околу 10 отсто.
Кои се кандидатите?
Алберто Нуњез Феихо (65), поранешниот претседател на регионот Галиција ја предводи Народната партија од април 2022 година. Во Галиција Феихо изгради репутација на умерен и прагматичен политичар, имиџ што се обидува да го наметне и на национално ниво.
На парламентарните избори во 2023 година, ПП освои најмногу гласови, но не успеа да обезбеди доволна поддршка за формирање влада, по што Феихо остана лидер на опозицијата.
Педро Санчез повторно е кандидат на ПСОЕ, партија што ја предводи од 2017 година. По осум години на власт, тој веќе е вториот премиер со најдолг стаж од враќањето на Шпанија кон демократијата во 1978 година. Повеќепати покажал дека може да ги изненади оние што веќе го отпишале политички.
За време на неговото владеење, Шпанија бележи повеќегодишни подобри економски резултати во споредба со другите европски земји.
Санчез ја задржа Шпанија во центарот на меѓународното внимание и со спротивставувањето на притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на воените трошоци, како и со одбивањето да му дозволи користење на шпанскиот воздушен простор во војната против Иран.
Кои беа главните теми во изборната кампања?
Недостигот од станови и нивната сè потешка достапност беа можеби најважната тема во предизборните дебати.
Санчез се залага за ограничување на висината на кириите и забрана на краткорочните договори за изнајмување, додека неговиот главен противник се залага за дерегулација.
Имиграцијата е уште едно клучно прашање. Санчез е меѓу најгласните европски застапници на ставот дека имиграцијата носи економски придобивки, додека Вокс бара многу построга контрола.
Опозициските партии ја ставија корупцијата во центарот на кампањата по пресудите против лица од најблиското опкружување и семејството на Санчез, иако не успеаја директно да го поврзат премиерот со скандалите. Санчез повеќепати ги отфрли сите обвинувања за незаконско постапување.
Како се гласа?
Се избираат сите 350 пратеници во долниот дом на парламентот, преку затворени партиски листи, како и 208 од вкупно 266 места во Сенатот.
Само долниот дом го избира премиерот. Останатите сенатори ги назначуваат регионалните парламенти.
Што следува по изборите?
Новиот состав на долниот дом на парламентот ќе заседава на 23 декември и ќе избере претседател на парламентот.
Потоа кралот Фелипе ќе предложи кандидат за премиер, обично лидерот на партијата што освоила најмногу гласови.
Кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство од најмалку 176 пратенички гласови во првото гласање за избор на премиер, или просто мнозинство во вториот круг.
Преговорите за формирање коалиција немаат утврден рок, но новата влада мора да биде формирана во рок од два месеца по гласањето за избор на премиер. Во спротивно, ќе мора да се одржат нови избори.


