Обвинителството отвори истрага за обид за убиство за насилникот од Гостивар и бара притвор за него

Објавено:

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Убиство во обид од Кривичниот законик.

Во соопштението од обвинителството се вели дека на 27 ноември, при вршење на семејно насилство, осомничениот 52-годишник со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата сопруга. При расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал оштетената во главата, лицето и телото.

На жената и нанел повеќе тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра од кои таа паднала во бесознание. Настанот во полициска станица го пријавил таткото на осомничениот, а кога полициските службеници пристигнале на местото, ја пронашле жената без свест, стои во соопштението.

„Ценејќи ги сите околности, тежината на стореното кривично дело, опасноста од бегство и влијание врз сведоци, како и можноста да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, соопшти Основното јавно обвинителство Гостивар.

Во меѓувреме, некои медиуми јавуваат дека здравствената состојба на 42-годишната жена од гостиварското село Топлица, која беше тешко повредена во нападот за кој е осомничен нејзиниот сопруг, во моментот е стабилна. Таа е свесна и контактибилна, но останува на интензивно лекување во Клиничкиот центар во Скопје.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, доктор Игор Мерџановски, соопшти дека жената била примена со повреди на градниот кош и главата. По направените испитувања биле утврдени скршеници на седмото, осмото, деветтото и десеттото ребро, делумен пневмоторакс, мала плеврална ефузија и мало крварење во главата.