Антонијо Милошоски на „Ѕидот на срамот“ на МЗД: Евроинтеграција само декларативно

Објавено:

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) продолжува со својот „Ѕид на срамот“, упатувајќи јавни прашања до Антонијо Милошоски, претседател на собраниската Комисија за европски прашања.

Во соопштението за кампањата „Ѕидот на срамот“ во 16 дена активизам, МЗД вели дека европската интеграција не е само декларативна заложба. Таа подразбира унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство.

Во извештајот за 2026 година, Европската комисија ги посочува антиродовите наративи како една од причините за системските пропусти во справувањето со родово базираното насилство, се додава во соопштението.

„Како се усогласуваат заложбите за европска интеграција со давањето политичка тежина на актерите чии наративи Европската комисија ги препознава како проблем? Каков е вашиот став во однос на предложените законски измени за заштита на жените од насилство и што ќе преземете за нивното усвојување?“, прашува МЗД.

Европските вредности се докажуваат со политички одлуки и конкретни постапки. Бараме јавни одговори и политичка одговорност!, истакнуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.