Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет сè уште не одобрил трансфер на околу 60 пресретнувачки ракети за противвоздушниот систем „Патриот“, кои Вашингтон веќе се согласил да ѝ ги испорача на Украина, објави „Фајненшл тајмс“.
Украина во повеќе наврати истакна дека итно ѝ се потребни дополнителни ракети-пресретнувачи за да се спротивстави на сè почестите руски напади со ракети и беспилотни летала.
Според „Фајненшл тајмс“, меѓу неодобрените испораки се и ракетите-пресретнувачи PAC-3, чија испорака била планирана во периодот од септември до декември. Весникот додава дека трансферот на ниту една од овие пратки сè уште не е одобрен.
За Украина се наменети и уште дваесетина ракети PAC-2, постара верзија на проектилите за системот „Патриот“, но и тие чекаат одобрение за испорака.
„Фајненшл тајмс“ наведува и дека во Пентагон дошло до застој во одделна постапка со која се настојувало да се добие американско одобрение Украина самостојно да произведува ракети-пресретнувачи за системот „Патриот“.
Портпарол на Пентагон изјавил за весникот дека нема промена во американската политика за поддршка на Украина, но одбил да даде дополнителни коментари за конкретното вооружување.
Минатиот месец, САД одобрија продажба на 500 ракети „Патриот“ PAC-3 за Украина, во вредност од околу 2,1 милијарда долари, иако испораките не се очекуваат пред почетокот на 2030-тите години.


