Националната здравствена служба на Велика Британија (НХС) го започна најголемото клиничко испитување во светот за скрининг за рак на дојка со вештачка интелигенција (ВИ). Се очекува испитувањето да вклучи речиси 700.000 жени во текот на следните три години, објави агенцијата АФП.
НХС соопшти дека новата студија има потенцијал да го промени начинот на дијагностицирање на ракот на дојка. Првите неколку стотици жени веќе се поканети да учествуваат.
Програмата од 10 милиони фунти за испитувањето ќе тестира дали алатките базирани на вештачка интелигенција можат да го подобрат раното откривање на ракот, а воедно да го намалат работното оптоварување на здравствените работници.
Технологијата ќе им помогне на лекарите да анализираат слики направени за време на рутинските мамограми.
„Ова е најголемото тестирање на вештачка интелигенција во светот за откривање на рак на дојка“, изјави британската министерка за здравство Ивет Купер.
Таа го истакна „огромниот потенцијал“ на технологијата и рече дека ќе бидат воспоставени потребните заштитни мерки за да се обезбеди нејзината безбедност и ефикасност.
„Доколку е успешна, оваа технологија би можела да им помогне на жените да добијат дијагноза за рак на дојка и да започнат со третман многу порано, давајќи им најдобра можна шанса за закрепнување“, рече Купер.
Студијата ја водат Универзитетот во Ворвик, Универзитетот во Кембриџ и Фондацијата на НХС при Универзитетските болници во Кембриџ, во тесна соработка со НХС Англија.
Жените кои посетуваат рутински прегледи во 30 одбрани медицински центри низ целата земја ќе бидат информирани за студијата и ќе бидат вклучени во неа, освен ако не одбијат да учествуваат.
Националната здравствена служба соопшти дека скринингот ќе продолжи како и обично. Вештачката интелигенција ќе се користи како дополнителна алатка за работата на специјалистите во потрагата по канцер што е премногу мал за да се забележи или открие при физички преглед.
Една од главните цели е да се тестира дали технологијата ќе овозможи повеќето мамографски снимки да бидат анализирани само од еден специјалист, наместо од двајца, како што е сега.
Регрутирањето веќе почна во Универзитетските болници во Кембриџ, Источна Англија. Други избрани медицински центри ќе се приклучат на програмата во наредните месеци.
Ракот на дојка е најчестиот рак кај жените. Околу 55.000 нови случаи се дијагностицираат во Велика Британија секоја година.
Жените на возраст меѓу 50 и 71 година се поканети да прават скрининг тест на секои три години. Приближно 2,1 милиони мамографии се прават секоја година. Со скринингот, според проценките на НХС, се спречуваат околу 1.300 смртни случаи годишно.
Потенцијалот на вештачката интелигенција во раното откривање на рак на дојка веќе е потврден од претходни научни студии.
Студија објавена во јануари во медицинското списание „Лансет“ откри дека употребата на вештачка интелигенција може да го подобри откривањето на канцерот преку поефикасен скрининг, а воедно да го намали работното оптоварување на радиолозите.
Истражувачите анализирале речиси 106.000 мамографии направени во Шведска како дел од националната програма за скрининг на рак на дојка помеѓу април 2021 и почетокот на декември 2022 година.
Средната возраст на учесниците во шведската студија била 53 години.


