Недела да биде неработен ден е едно неправедно решение, не само за работодавачите, туку повеќе за синдикатите и вработените. Ако се плаќа со многу поголема дневница, зошто да му го скратиме правото на некој што сака да работи во недела, да оствари поголем поголем приход и зошто да дозволиме ако не се работи во недела да имаме одлив на луѓе во околните држави, рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во гостување на телевизија Сител.
Тој посочи дека треба да се разгледа можноста недела повторно да биде работен ден и рече дека лично смета оти не треба да се исклучи таа можност.
„Ако ме прашање мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, кажа Ристески.
Сепак, Ристески нагласи дека станува збор за негов личен став и дека прашањето треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет, при што треба да се земат предвид и веќе стекнатите права на работниците.
„Треба да видиме дали тоа би било позитивно за македонската економија или негативно, бидејќи политички ад хок решенија не се добри за оваа држава“, рече заменик – министерот за економија.
Неделата беше прогласена за неработен ден во Македонија во 2022 година, на барање на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Забраната за работа во недела не важи за сите дејности – исклучок се продавниците во затворените трговски центри и областите во кои не смее да се прекине техничко-технолошкиот процес.
На работниците кои законски работат во недела им следува дополнителна дневница (најмалку 50 отсто во дозволени дејности и двојна дневница во трговијата, како и слободен ден во текот на неделата.
На ова се спротивставуваат работодавачите. Веднаш по воведувањето во 2022 година, Стопанската комора на Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на измените, тврдејќи дека ја нарушуваат слободата на пазарот и на претприемништвото. Иницијативата не доведе до укинување на неделата како неработен ден. Потоа, различни бизнис-асоцијации и организации на работодавачи во изминатите години континуирано бараа укинување на оваа мерка или барем воведување опција работата во недела да биде по желба и договор со работникот, наведувајќи економски загуби и пад на продуктивноста.
ССМ, пак, предупредува дека секој обид за враќање на работа во недела ќе значи „чекор назад“ за работничките права и најавуваат радикални мерки доколку се посегне по ова стекнато право на работниците.


