МНР за случајот Михаилова: Постапувањето на бугарските државни институции е спротивно на заложбите за добрососедски односи

Објавено:

Постапувањето на бугарските државни институции ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи, соопшти македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) откако Ива Михаилова од Кочани, со двојно македонско и бугарско државјанство, избега во Бугарија додека во Македонија против неа е во тек судски процес за сообраќајна несреќа со смртни последици.

„Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите“, пишува во соопштението од МНРиНТ.

Од таму велат дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, „очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со тие принципи“.

За развојот на случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

„Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности. Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи, засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи. Истата одговорност ја очекуваме и од бугарската страна. Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска“, соопшти МНРиНТ.

Јавно обвинителство: Двата пасоши се одземени лани во октомври

Ива Михаилова немала пасош да ја премине границата, а не смеела да поминува ниту со лична карта, се податоците што ги сподели Јавното обвинителство (ЈО).

„На обвинетата, по предлог на јавен обвинител уште од 09.10.2025 година и беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), и беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа“, соопшти Обвинителството.

Претходно, и Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека не евидентирало излез преку граничен премин за Ива Михаилова од Кочани.

„Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, соопшти МВР.

Според податоците од граничните евиденции, Ива Михаилова последен пат влегла во Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година е евидентиран нејзин излез од Бугарија и влез во Македонија.

Утрово, во изјави за бугарски медиуми, Михаилова рече дека ја поминала границата непречено, со нејзиниот адвокат.

Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.

Случајот со Ива Михаилова, двојна државјанка на Македонија и Бугарија, која се гони за кривично дело поврзано со сообраќајна несреќа во земјава, беше една од темите која се наметна од бугарските медиуми на 8 октомври, за време на конференцијата за Коридорот 8 што се одржа во Софија, а на која присуствуваше и македонска делегација, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Она што беше истакнато е оти македонската страна е подготвена да овозможи медицински консултации со бугарски лекари за Михаилова, кои би дошле во Македонија.

Михаилова е обвинета во Македонија за предизвикување сообраќајна несреќа со смртен исход, на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип. При тоа едно лице загина, а неколкумина, меѓу кои и Михаилова, беа повредени.Таа тврди дека не е виновна и дека несреќата се случила поради друго возило кое избегнувало полициска контрола.

Таа вели дека во несреќата се здобила со повреди на рбетот и со невролошки компликации. Нејзината одбрана поднесуваше повеќе барања до судот во Кочани за привремено враќање на пасошот со цел специјализирано лекување во Бугарија, тврдејќи дека такви услови нема во земјава. Македонскиот суд ги одбиваше овие барања поради страв од бегство.