Министерството за внатрешни работи (МВР) не евидентирало излез преку граничен премин за Ива Михаилова од Кочани, која има двојно, македонско и бугарско државјанство, а која стигнала во Бугарија и покрај тоа што ѝ се одземени личните документи поради судска постапка што против неа се води во Македонија.
Утрово, во изјави за бугарски медиуми, Михаилова рече дека ја поминала границата непречено, со нејзиниот адвокат.
„Извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопшти МВР.
Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија.
Според податоците од граничните евиденции, Ива Михаилова последен пат влегла во Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година е евидентиран нејзин излез од Бугарија и влез во Македонија.
Во изјава за БТВ, нејзиниот адвокат Николај Димитров одби да каже на кој граничен премин поминале, велејќи дека не сака да им предизвика проблеми на луѓето кои, според него, им помагале. Тој признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките кои ѝ се определени на Михаилова, но вели дека според него, правото на лекување било водечки принцип при донесувањето на одлуката.
„Ја преминавме границата со мојот адвокат. Моето здравје се влоши, тој ме зеде и се вративме во Бугарија без никакви проблеми. На границата ја покажав мојата македонска лична карта. Се чувствувам безбедно во Бугарија. Во Северна Македонија бев репресирана поради моето бугарско потекло и тоа беше една од причините зошто ме обвинија“, изјави Михаилова за БТВ.
На прашањето дали има намера да се врати во Македонија за судењето, чие следно рочиште е закажано за 9 ноември таа одговори:
„Случајот продолжува со или без мене. Ќе видиме како ќе биде“.
Случајот со Ива Михаилова, двојна државјанка на Македонија и Бугарија, која се гони за кривично дело поврзано со сообраќајна несреќа во земјава, беше една од темите која се наметна од бугарските медиуми на 8 октомври, за време на конференцијата за Коридорот 8 што се одржа во Софија, а на која присуствуваше и македонска делегација, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Михаилова е обвинета во Македонија за предизвикување сообраќајна несреќа со смртен исход, на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип. При тоа едно лице загина, а неколкумина, меѓу кои и Михаилова, беа повредени.Таа тврди дека не е виновна и дека несреќата се случила поради друго возило кое избегнувало полициска контрола.
Во несреќата таа се здобила со тешки повреди на рбетот и невролошки компликации. Нејзината одбрана поднесуваше повеќе барања до судот во Кочани за привремено враќање на пасошот со цел специјализирано лекување во Бугарија, тврдејќи дека такви услови нема во земјава. Македонскиот суд ги одбиваше овие барања поради страв од бегство.
Претходно, во Бугарија избега и нејзиниот татко Симеон Михаилов, по кого МВР има распишано меѓународна потерница и е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во случајот „Детонатор“.
„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Ккчани и околината, при што група околу 15 лица беа обвинети за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела.


