Црна Гора денеска ќе затвори три преговарачки поглавја со ЕУ

Објавено:

Црна Гора денеска, на Меѓувладината конференција во Луксембург, наместо претходно најавените две, ќе затвори три поглавја во преговорите за пристапување кон Европската Унија, најави вицепремиерот за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ. Покрај Поглавјето 18 (статистика) и Поглавјето 19 (социјална политика и вработување), постои можност третото поглавје да биде Поглавјето 17 (економска и монетарна политика).

„Одлични вести за европската интеграција на Црна Гора – наместо најавените две, денеска на Меѓувладината конференција ќе бидат затворени три поглавја! За разлика од политичките актери кои делумно гласаат за европските закони, одбиваат да ги поддржат неопходните уставни измени и се обидуваат на секој начин да го забават европскиот пат, Владата ја врши својата работа одговорно и посветено“, напиша Ивановиќ на платформата Икс.

Советот на ЕУ претходно најави дека е предвидено затворање на две преговарачки поглавја – Поглавје 18, кое се однесува на статистиката, и Поглавје 19, за социјалната политика и вработувањето.

Иако Ивановиќ во својата објава не прецизираше кое е третото поглавје што треба да биде затворено денеска, пратеникот и потпретседател на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Иван Вуковиќ, претходно изјави дека постои можност Црна Гора да го затвори и Поглавјето 17, кое се однесува на економската и монетарната политика, доколку една земја членка на ЕУ даде согласност во текот на денот.

Црна Гора очекува до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со ЕУ.

Унијата ја смета Црна Гора за водечки кандидат за членство од земјите од Западен Балкан. Повеќе од три милијарди евра во новиот буџет на ЕУ од седум години веќе е определен за Црна Гора.

Земјата официјално поднесе барање за членство во декември 2008 година, а ги започна преговорите во 2012 година. Од земјите од Западен Балкан, Црна Гора е најуспешен кандидат за членство во Унијата.