Дванаесет години затвор за Стојанче Јовановски

Објавено:

Дванаесет години затвор е казната која судијата Ивица Стефановски од Кривичниот суд во Скопје му ја изрече денеска (7 мај) на Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана која на 2 март заедно со шестогдишната ќерка Катја загина по пад од балкон.

„Скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете, од падот дошло до престанок на работата на важни витални центри“, истакна судијата Стефановски на денешното рочиште.

Обвинителството, поради, како што посочија, реална опасност од бегство, побара Стојановски да остане во притвор до правосилноста на пресудата.

Судот донесе решение мерката притвор да се продолжи до правосилноста на пресудата, најдолго 60 дена сметано од денешниот ден.

Судењето за Јовановски почна на 30-ти март, откако на почетокот на истиот тој месец неговата сопруга Ивана со нивната ќерка Катја скокна од балконот на семејниот дом.

Јовановски беше обвинет за три кривични дела Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45, односно телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1, како и кривично дело Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Тој беше прогласен за виновен за сите три дела за кои беше утврдена максимална казна. За првото и за третото дело, Судот му изрече казни од по пет години затвор, а за второто, тригодишна затворска казна.

Согласно Законот за кривична постапка, единствената затворска казна е 12 години.

Насилството се интензивирало и покрај пријавите

Според Обвинителството, во периодот од 2019 година сѐ до 2 март кога оштетената Ивана донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, тепал, понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по целото тело.

Овие настани, сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции, но насилството само се интензивирало.

-На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и почнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност – наведува Обвинителството.

 Според Обвинителството, во близина на судот Стојанче физички ја нападнал Ивана и ѝ нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството.

Тој често ја тепал и навредувал, и дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден, по нов бран насилство и закани, жената се вратила дома со детето со намера да си замине. Но, доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, таа извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со малолетното дете.

Вештакот пронашол кокаин во крвта на Јовановски

На рочиштето на 17 април, Стојанче ја даде својата одбрана претставувајќи се себеси како жртва. Зборувајќи за односот со сопругата, ја обвини за неверство со кое во дел од говорот го оправдуваше насилството, јавија македонските медиуми кои го следеа рочиштето. Тој во својот исказ истакна дека бил жртва на манипулација и обвинуваше еден од сведоците за уништување на неговиот брак и за кривичното дело користење на психотропни супстанции, тврдејќи дека му била подметната дрога во гепекот.

Вештањето покажа дека кај Ивана немало присуство на алкохол, дрога и лекови за смирување. За разлика од неа, во крвта на Стојанче Јовановски било пронајдено присуство на кокаин и голема количина на дијазепам.

На судењето на 28 април пак, Обвинителството побара максимална затворска казна за Јовановски. Обвинителката Адела Бојчевиќ тогаш рече дека од исказите на членовите на семејството, психијатриското вештачење, медицинската документација, аудиоснимките и другите докази се дава јасна слика за континуираното насилство и контрола на кои била подложна Ивана пред насилно да си го одземе животот. 

Обвинителката додаде дека според медицинското вештачење, кај Јовановски не постои душевно заболување кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потребата од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост. 

Адвокатот Давор Ангелевски, бранител на обвинетиот Јовановски, побара ослободителна пресуда за него со образложение дека приложените докази во постапката се контрадикторни, изјавите на сведоците се претежно посредни, а не непосредни, а не е докажан ниту каузалитетот на настаните на критичниот ден.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Јовановски негираше вина.

.„Не сум ја поттикнувал, трагедијата не е предизвикана од мене. Сè би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга“, изјави тој.

Но, адвокатката на семејството на починатите Ивана и Катја, Неда Чаловска рече дека жртвата била доведена до состојба на постојан страв и апсолутна несигурност.

„Во таква состојба, а со очигледниот молк од страна на институциите, последиците не се случајни, тие се предвидливи. Придонесот на обвинетиот не е индиректен, туку директен причинител што довел до последицата. Да, тој не ја турна Ивана физички, но ја донесе до работ и ја одзеде секоја причина да не скокне“, изјави Чаловска.

Зачестена динамика на објавување на случаите на семејно насилство

По оваа трагедија која ја разбранува македонската јавност, се зголеми бројот на пријави за семејно насилство – покажува статистиката од билтените на полицијата. Во последните два месеци низ полициските станици во државата имало дури 309 пријави за семејно насилство, а најмалку 179 лица биле лишени од слобода.

Во споменатите 309 случаи на семејно насилство за кои МВР информираше во изминатите два месеци, најчести жртви се жените. До објавување на овој текст не добивме одговор од Министерство на што се должи зачестената динамика на објавување (речиси секојдневно) на ваквите случаи – дали по случајот од Тафталиџе е зголемен бројот на пријави, дали полицијата постапува поажурно или нешто друго.

Сепак, од статистиките што јавно беа споделени од министерот Панче Тошковски, се нотира дека во претходните осум години во просек дневно имало по 15 сигнали за семејно насилство-во периодот од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство.