Семејното насилство со години се третира со задоцнета институционална реакција, делумно и без суштинска соработка меѓу институциите со цел заштита на жртвата, призна денеска од собраниската говорница министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Полициската статистика покажува дека во период од 2018 година до 2025 година се звршени 42 убиства, 24 обиди за убиства и 192 тешки телесни повреди. Полицајците од 44 700 случаи со елементи на семејно насилство 33 илјади ги евидентирале како поплаки, речиси три илјади како прекршоци и 8.500 како кривични дела.
„Ова не е проблем што е создаден вчера, ова е проблем што со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо тогаш кога првите сигнали јасно покажувале зголемен ризик. Да се затворале овие слабости порано, денес ќе имаше помалку простор жртвата да се изгуби во институционалните лавиринти“, изјави Тошковски.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Според министерот Тошковски, МВР има јасна и директна улога во оваа област затоа што полицијата најчесто е првата институција што доаѓа во контакт со жртвата, прави проценка на ризик, прва постапува на лице место и прва носи одлуки кои што во прв момент директно влијаат врз безбедноста на жртвата.
„Но не би било чесно ниту коректно, овој проблем да се сведе само на полицијата, затоа што таа не може сама без навремено постапување на Центрите за социјални работи, без брза реакција од Обвинителството и без ефикасна судска одлука. Реално е да се каже дека се направени одредени поместувања, но и понатаму постојат слабости кои се манифестираат во координацијата помеѓу институции, во нејасно поставени надлежности и во ситуации кога реакцијата е формално навремена, но суштински недоволна“, рече Тошковски.
Колегиум.мк пишуваше дека дел од пријавите завршуваат само како поплаки бидејќи на жртвите им се кажува дека за кривична постапка е потребно лекарско уверение.
„Тоа не е точно. Полицијата е должна да направи проценка на ризик – да утврди колку жртвата е во опасност и дали ризикот се зголемува додека таа сама оди од институција до институција“, вели Стојне Митева од здружението „Скај плус“ од Струмица.
Кога случајот останува на поплака, насилникот најчесто само ќе биде предупреден. Во пракса, вели Митева, на сопружниците им се сугерира „да ја смират ситуацијата“, без вистинска заштита за жртвата.
Во случаи, пак, кога жртвата инсистира на постапка, се вклучуваат полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа. Но токму тука често се прават сериозни пропусти, покажало искуството на адвокатката Катерина Котеска Стисниовска.
„Истанбулската конвенција е јасна – не смее да има мирење меѓу жртвата и насилникот. Но во пракса, институциите често се обидуваат да го зачуваат семејството, наместо да ја заштитат жртвата“, вели Котеска Стисниовска.
Според неа, ваквиот пристап може да го охрабри насилникот, оставајќи впечаток дека ќе помине без последици и може да го поттикне повторно да прави насилство сметајќи дека „има државен орган кој ќе му прости“.
Со цел да се изменат овие пропусти министерството подготвува измени на законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, пред се во делот на итните и привремени мерки. Според најавата на Тошковски, станува збор за воведување на ново полициско овластување со кое што полицаец врз основа на проценка од ризик ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата, односно насилникот да го отстрани од домот, да му забрани приближување и да му забрани контакт со жртвата.
Тој објасни дека предвидено е оваа мерка да може да се изрече веднаш без да има потреба од согласност од жртвата и да трае до 48 часа, при што Судот потоа ќе може да ја продолжи до 30 дена, да ја потврди или укине.
„Паралено со законските измени работиме да обезбедиме „боди-камери“ за полициските службеници затоа што во вакви постапки не е доволно само навремено да се интервенира, туку и поддеднакво е важно точно да се документира што се затекнало на лице место, како постапила полицијата и каква фактичка состојба има при интервенција, затоа што во пракса, токму тука најчесто се отвора простор за различни толкувања или релативизирање на тоа што се случило“, изјави Тошковски.
Тема на надзорната расправа беше „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“, а
Министерот Тошковски во својот говор на надзорната расправа беше „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“ истакна дека семејното насилство е едно од оние прашања по кои најјасно се гледа колку навистина функционира системот, особено таму каде што државата треба навреме и суштински да ги заштити луѓето кои што се најранливи.
Трагедијата од 2 март 2026 година, во која скопјанка и нејзината шест годишна ќерка загинаа по пад од балкон во Скопје после долги години семејно насилство се надоврзува на претходни трагични случаи за што активисти организираа и протести и повторно ја отвори темата за одговорноста на институциите кои треба да ги заштитат жртвите. За некои жртви, пропустите и бавноста на системот имаат фатален исход.


