Од денот кога Соединетите Држави ги почнаа „воените операции“ врз Иран, вниманието на светската јавност го сврти погледот од војната во Украина. Следуваа и се уште се актуелни тензиите меѓу официјален Вашингтон и Техеран, а неизвесно е како ќе завршат обидите за постигнување на догорочен мир меѓу двете светски сили.
Во вакви услови, актуелната состојба на војната во Украина покажува дека конфликтот влегува во долготрајна и исцрпувачка фаза, без јасни индикации за брз исход. Според последните извештаи на светските агенции Ројтерс и Асошиеитед Прес, борбите продолжуваат со намален интензитет на големи офанзиви, но со постојани локални судири долж линијата на фронтот.
Воената линија, која се протега на повеќе од илјада километри, останува главната точка на судир меѓу украинските и руските сили. Украинската армија во последните месеци бележи ограничени територијални добивки на источниот и јужниот фронт, додека руските сили продолжуваат со постепени напади во обид да ја задржат иницијативата.
Русија во моментов контролира околу 20% од територијата на Украина, вклучувајќи го Крим и делови од Донбас и јужна Украина. Од почетокот на целосната инвазија во 2022 година, Русија има освоено околу 13% нова територија.
Украина од почетокот на 2026 година има локални контраофанзиви и околу 480 km² ослободени територии од јануари до април 2026. Во одредени операции (на пр. во Днипропетровск/Запорожје), украинските сили вратиле повеќе од 400 km².
И покрај интензивните борби, територијалните придобивки се релативно мали во однос на размерот на војната. Русија напредува бавно, а Украина успева делумно да врати позиции, но без драматични промени.
Промена на воените тактики
Паралелно со борбите на терен, војната сè повеќе се трансформира во технолошки конфликт. Масовната употреба на беспилотни летала од двете страни овозможува постојано набљудување и прецизни удари, со што се менува традиционалната динамика на фронтот.
Украинските сили, според извештаи на Ројтерс сè почесто користат комбинирани операции со дронови и пешадиски единици, што им овозможува да вршат ограничени, но ефективни напредувања.
Русија продолжува со интензивни ракетни и дронски напади врз украинската инфраструктура, вклучително и енергетски објекти и урбани центри. Иако украинската противвоздушна одбрана успева да пресретне дел од нападите, штетите врз цивилната инфраструктура и економијата се значителни.
Украина останува зависна од меѓународната помош
Во меѓувреме, Украина останува силно зависна од меѓународната поддршка. Западните сојузници обезбедуваат финансиска и воена помош, вклучително и системи за противвоздушна одбрана и модерна воена опрема. Сепак, според известувањето на новинската агенција Асошиетет Прес, постои загриженост дека глобалните кризи и политичките приоритети може да влијаат врз континуитетот на оваа поддршка.
Најновите податоци покажуваат дека меѓународната помош за Украина останува клучен фактор за одржување на одбранбените капацитети. Европската Унија подготвува пакет од околу 90 милијарди евра за периодот 2026–2027, од кои најголемиот дел се наменети за воена поддршка, додека остатокот оди за стабилизација на украинскиот буџет.
Покрај финансиската помош, европските држави ја засилуваат и воената соработка. Германија, како еден од најголемите донатори, досега има обезбедено десетици милијарди евра помош и потпиша нови договори со Украина за заедничко производство на дронови и развој на одбранбени технологии. Во рамки на НАТО, пак, се работи на координирано финансирање на воената поддршка, иако и понатаму постојат разлики во учеството меѓу земјите членки.
Од друга страна, улогата на САД во последниот период е поразлична во однос на претходните години. Иако Вашингтон продолжува да испорачува веќе одобрена помош, нови големи пакети не се одобрени, а фокусот сè повеќе се става на дипломатско решение и притисок за преговори.
Во исто време, вкупната западна помош од почетокот на војната достигнува стотици милијарди долари, при што Европа во последните години презема водечка улога во финансирањето, додека САД обезбедуваат дел од најнапредната воена опрема.
Речиси никакви поместувања во преговорите за мир
На дипломатски план, напредок речиси и да нема. Преговорите меѓу Москва и Киев остануваат во застој, а клучните прашања, контролата врз окупираните територии и безбедносните гаранции, сè уште се далеку од решение.
Администрацијата во Вашингтон отворено ја нагласува потребата од преговори, а во дипломатските кругови се споменуваат сценарија за евентуален договор кој би вклучувал безбедносни гаранции и политички процеси во Украина. Киев инсистира дека каков било договор е можен само со цврсти гаранции за безбедност и зачувување на територијалниот интегритет, додека Москва не покажува подготвеност за значајни отстапки.
Во вакви околности, експертите оценуваат дека војната во Украина се претвора во долгорочен конфликт на исцрпување. Наместо брзи воени победи, исходот сè повеќе ќе зависи од економската издржливост, технолошката супериорност и подготвеноста на меѓународната заедница да продолжи со поддршката.


