Четврта среќа за Универзална сала

Објавено:

Нека е аирлија почетокот на градежните работи, рече градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, откако со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков направија увид во градежните активности за Универзална сала, една од најпрепознатливите културни точки на Скопје која најмалку една деценија стои запоставена.

Обнова на Универзална и неколку проекти за неа најавуваа и поранешните градоначалници на Скопје – Данела Арсовска, Петре Шилегов и Коце Трајановски, но никој не ја заврши.

„Овој проект претставува еден од клучните чекори во подготовките на Скопје за освојување и за достојно носење на престижната титула „Европска престолнина на културата 2028“. Со обновениот изглед, Универзалната сала ќе прерасне во модерна, функционална и репрезентативна културна институција, способна да биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и други значајни културни настани. По завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде целосно предаден во владение на Град Скопје, како простор кој повторно ќе им служи на граѓаните, на уметниците, на младите и на сите генерации што ја сакаат културата“, рече Ѓорѓиевски.

univerzalnsa-sala-1

Сега, пари обезбеди Владата, а инвеститор е Министерството за култура. Обновата ќе чини 20 милиони евра и треба да заврши до крајот на 2027 година, бидејќи веќе следната, 2028 година, Скопје ќе биде европска престолнина на културата. Универзална сала е еден од клучните проекти во подготовките на Скопје за оваа титула.

Проектот за реконструкција на Универзалната сала ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, со што се обезбедува целосна изведба и подготвеност за употреба, без дополнителни интервенции.

„Овој проект после сите оние перипетии од минатото ќе добие некаква физиономија. Според она што го видов и што го презентираше проектантот, ќе биде навистина прекрасно дело. Да не зборуваме предвреме, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани што тука ќе се организираат“, изјави Мицкоски.

Ќе се задржат ликот и структурата

Ликот и структурата на Универзална сала ќе се задржат, со мали измени, кажа министерот Љутков. Еден од поголемите новитети е позасилена звучна изолација на самата купола. Таму ќе остане истата челична конструкција која се запали при пожар во 2024 година бидејќи е утврдено дека куполата не е оштетена.

„Направивме неколку испитувања – првите две беа нарачани од самиот изведувач, на почетокот на 2025 имаше уште едно испитување и добивме резултат дека немаме никаква опасност врз челичната конструкција. Мислам дека понатаму нема да имаме никакви проблеми во однос на тоа. Денес имаме материјали, нови содржини…направени се дополнителни измени во делот на влезот, на администрацијата, на сценската технологија и хидраулика“, рече Љутков.

Универзална сала - Скопје Фото: Facebook/Orce Gjorgjieski
Универзална сала – Скопје
Фото: Facebook/Orce Gjorgjieski

Изградбата на Универзална сала долги години беше оптоварена со административни пречки, со поделена одговорност меѓу градот и Министерството за култура и имаше различни проекти за тоа како треба да изгледа салата.

Првите посериозни најави за реконструкција и изградба на нова Универзална сала се од времето на поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. Во 2011 година тој најави дека Скопје ќе добие „нова современа концертна сала“ на истото место каде што стои сегашната, но со поголем капацитет, модерна акустика и архитектонско решение достојно на метропола.

Во медиумите беа презентирани неколку видео продукции за тоа како е замислено да изгледа идната сала.

Една од најкоментираните идеи беше проектот во форма на јајце – футуристичка градба која требаше да ја редефинира културната понуда на главниот град.

Ветувањата беа дека новата сала ќе може да прими околу 3.500 посетители и ќе биде мултифункционална: за концерти, театарски претстави, конгреси и спортски настани. Се дебатираше и за името што требаше да добие.

Иако беа презентирани големи планови, проектот никогаш не премина од идејна во изведбена фаза. Главниот проблем како и кај многу други ветувања, беа парите.

Дел од проектот требаше да биде платен од државата каса, а другиот дел со кредити или донации. Но јасен финансиска план не беше презентиран во јавноста.

Јавноста се подели по прашањето за изгледот на новата сала. Едни ја поддржуваа идејата за футуристичка градба, други сметаа дека Скопје треба да добие објект кој ќе ја задржи традиционалната форма и ќе го чува духот на оригиналната Универзална сала.

Кога Петре Шилегов стана градоначалник на Скопје во 2017 година, тој повторно ја отвори темата за Универзална сала. Најави дека проектот ќе се редефинира и дека е апсолутен приоритет за градот.

Се зборуваше за конкурс за ново архитектонско решение и за почеток на изградба до крајот на неговиот мандат. Сепак, до крајот на неговиот четиригодишен период, салата остана во истата состојба.

Кога Данела Арсовска ја презеде функцијата во 2021 година, најави реконструкцијата и изградбата на новата сала како еден од нејзините приоритети. Реконструкцијата почна под надлежност на Министерството за култура, настан кој следуваше по силни несогласувања меѓу централната и градската власт за тоа кој е надлежен за нејзината реконструкција, но и под силни обвинувања за тоа кој и како го добил тендерот.

Во април 2024 година, се запали дел од конструкција на куполата на Универзална сала, во тек на реновирање. За пожарот, како што соопштија тогаш од МВР, на распит беа повикани три лица, градежни работници, присутни во објектот во моментот кога се случил пожарот.

Скопје, град со над половина милион жители, сè уште нема современа концертна сала, а културните настани се одржуваат во импровизирани или недоволно соодветни простори. Универзална сала треба да биде една од стожерните пунктови каде ќе се одржуваат културните активности во 2028 година.

Исто така, меѓу другите обврски се и конзервација и реставрација на Шaлтер-салата од споменичната целина Нова пошта – Скопје и нејзина адаптација во мултимедијален центар, реконструкција на Скопското Кале, реконструкцијата на Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија.

Скопје беше избран за Европска престолнина на културата за 2028 година, заедно со градовите Чешке Будејовице од Чешка и на францускиот град Бурж. Одлуката беше донесена од Европската Унија во септември 2023 година.

.