Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски изрази загриженост по вооружениот инцидент што се случи за време на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во Вашингтон, на која беа евакуирани американскиот претседател Доналд Трамп, неговата сопруга, првата дама Меланија и најблиските соработници.
Станува збор за инцидент во кој вооружен маж, пукал со сачмарка во припадник на Тајната служба во лобито на хотелот каде што се одржуваше свечениот настан, по што бил совладан и уапсен, додека Трамп и останатите високи функционери итно беа евакуирани.
„Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама и останатите присутни се безбедни, и му посакувам брзо закрепнување на повредениот офицер на Тајната служба“, напиша Муцунски на социјалната мрежа Х порано позната како Твитер и упати и порака за брзо закрепнување на повредениот припадник на Тајната служба.
Муцунски во објава истакна дека насилството нема место во демократските општества, без разлика дали е насочено кон избрани лидери, јавни службеници, новинари или граѓани.
Муцунски порача дека Македонија стои заедно со Соединетите Американски Држави во заштита на демократијата, јавната безбедност и принципите на кои се темелат слободните општества.
Северна Македонија и САД во 2025 година одбележаа 30 години билатерални односи. Двете држави имаат потпишано и Декларација за стратешко партнерство и соработка.


