Во војната во Украина до март 2026 година се потрошени над 500 милијарди долари, според податоци од повеќе извори. Само Украина во 2023 година потрошила над 64 милијарди долари за одбрана, додека западните земји обезбедиле стотици милијарди во воена и економска помош. Русија, според неколку светски медиуми и организации, потршила околу 400 милијарди долари.
Целосната инвазија на Русија врз Украина почна на 24 февруари 2022 година. Сите досегашни обиди за мировен договор се неуспешни.

УКРАИНА
Трошоците за одбрана на Украина во 2021 година биле 6,9 милијарди долари и се зголемиле на 41 милијарда долари во првата година од целосната руска инвазија, а се зголемувале и по 65 милијарди долари во 2023 и во 2024 година, според SIPRI.
Нејзиниот буџет за одбрана за 2025 година беше зголемен минатиот октомври на рекордни 71 милијарда долари.
Овие зголемувања се финансирани од сојузниците на Украина, главно Европската Унија и Соединетите Американски Држави, кои заедно донираа повеќе од 300 милијарди долари за Украина во воена и буџетска поддршка од 2022 година.
САД
Според американскиот Специјален генерален инспектор за операцијата „Атлантска решителност“, до 31 декември 2025 година, Конгресот на САД обезбедил 188 милијарди долари за трошоци поврзани со војната во Украина. Од 188-те милијарди долари, 164 милијарди долари доаѓаат од пет законски акти, од кои последниот беше донесен во април 2024 година. Остатокот доаѓа од годишните буџети на агенциите и други средства.
Кон крајот на 2024 година, Соединетите Американски Држави, исто така, ѝ обезбедија на украинската влада заем од 20 милијарди долари, кој не е вклучен во бројката од 188 милијарди долари, обезбеден преку Светската банка и треба да се врати со камата генерирана од замрзнатите руски средства, објави Council on Foreign Relations, незавината тинк-тенк организација основана во 1921 година.
ЕУ
Зад вкупното зголемување на европскиот ангажман стојат неколку структурни промени. Најголемиот дел од дополнителната финансиска и хуманитарна помош сега се обезбедува преку институциите на ЕУ и нивните механизми. Уделот на распределбата на финансиска и хуманитарна помош на ниво на ЕУ порасна од околу 50 проценти во 2022 година на речиси 90 проценти во 2025 година (35,1 милијарди евра), објави Kiel Institute for the World Economy.
„Новиот заем од 90 милијарди евра договорен кон крајот на 2025 година е дел од општ тренд. Растечките буџетски потреби на Украина сега во голема мера се финансираат преку заеми и грантови на ниво на ЕУ. Ова растечко потпирање на мултилатерална помош на ниво на ЕУ значи дека поддршката за Украина е поправедно распределена низ цела ЕУ, имено во согласност со учеството на секоја земја во БДП во блокот. Сепак, овој модел е видлив само за финансиска помош, додека воената помош сè уште бара билатерални донации од поединечни земји-членки, и таму гледаме многу помало споделување на товарот“, изјави Кристоф Требеш, раководител на „Ukraine Support Tracker“.
РУСИЈА
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), воените трошоци на Русија се зголемија од нешто помалку од 66 милијарди долари во 2021 година на 102 милијарди долари во 2022 година, првата година од нејзината целосна инвазија, а потоа достигнаа 109 милијарди долари во 2023 година. Потоа, во 2024 година, воените трошоци се зголемија на 149 милијарди долари, соопшти SIPRI.
Проценките за трошоците за одбрана на Русија во 2025 година варираат.
Според Јанис Клуге, истражувач во Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, тие повторно се зголемија, на 142 милијарди долари само за првите девет месеци од годината – што, екстраполирано за целата година, би ги надминало трошоците од 149 милијарди долари во 2024 година.
Но, според Крег Кенеди, економист во Центарот Дејвис за руски и евроазиски студии при Универзитетот Харвард, реалните руски „трошоци за одбрана“ беа на пат да се намалат за 15 проценти вкупно минатата година поради намалувањата на буџетот во последниот квартал по дефицитот надвор од контрола и поради падот на банкарските кредити кон одбранбената индустриска база.
Според документите во кои увид имала новинската агенција Ројтерс, Москва е на добар пат да ги намали трошоците за одбрана за најмалку 7 проценти во 2026 година.
Инаку, официјална Москва до сега нема објавено колкави се нејзините трошоци во војната во Украина. Дел од медиумите објавуваат податоци поврзани со ова, но без официјален извор и без официјална потврда од Кремљ.
ЖРТВИТЕ НАСПРОТИ ПАРИТЕ
Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) процени дека Русија претрпела 1,2 милиони жртви, вклучувајќи најмалку 325.000 смртни случаи, од почетокот на целосната инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година до декември 2025 година. Украина процени дополнителни 31.680 руски жртви во јануари 2026 година.
CSIS проценува дека Украина има околу 600.000 жртви, од кои 140.000 смртни случаи.


