ЕУ постигна договор за ублажување на правилата за вештачка интелигенција

Објавено:

Државите членки на Европската Унија и пратениците во Европскиот парламент денеска (7 мај) постигнаа договор за ублажување на клучните правила за вештачка интелигенција, вклучително и одложување на нивната примена, потег кој критичарите го оценуваат како попуштање на Европа пред големите технолошки компании.

Привремениот договор, кој во наредните месеци треба формално да биде одобрен од владите на ЕУ и од Европскиот парламент, беше постигнат по деветчасовни преговори – пишува новинската агенција Ројтерс.

„Денешниот договор за Законот за вештачка интелигенција значително ги поддржува нашите компании со тоа што ги намалува повторливите административни трошоци“, изјави во писмено соопштение, Марилена Рауна, заменик-министерка за европски прашања на Кипар.

Кипар во моментов претседава со ротирачкото претседателство на Советот на Европската Унија.

Европскиот парламент пак, на својата официјална веб страница наведе дека со овој договор се одложува применувањето на одредени делови од Законот за вештачка интелигенција (AI Act) за да се обезбеди дека неопходните стандарди и мерки за поддршка, потребни за појаснување на примената на правилата, ќе бидат воспоставени.

По постигнатиот договор, обврските за системите со висок ризик на вештачка интелигенција ќе се применуваат: од 2 декември 2027 година за системи со високоризична употреба и од 2 август 2028 година за системи на вештачка интелигенција што се користат како безбедносни компоненти и кои се опфатени со секторското законодавство на ЕУ за безбедност и надзор на пазарот

Законот исто така го одложува применувањето на обврските за водени жигови на содржини создадени од вештачка интелигенција до 2 декември 2026 година (наместо 2 февруари 2027 година како што беше предложено од Европската комисија). Техниките за воден жиг овозможуваат откривање и следење на содржини создадени од вештачка интелигенција.

Парламентот и Советот се согласија i да се забранат системи за вештачка интелигенција кои создаваат материјал за сексуална злоупотреба на деца или прикажуваат интимни делови од препознатливо лице, или го прикажуваат тоа лице во сексуално експлицитни активности, без негова согласност.

Законодавството за кое денес е постигнат договор е дел од седмиот омнибус пакет за поедноставување предложен од Европската комисија на 19 ноември 2025 година („дигиталниот омнибус“).

Европскиот парламент во моментов работи и на другите предлози од пакетот: дигиталниот омнибус за изменување на законите за користење на податоци и заштита на податоци, како и на предлогот за воспоставување европски деловни паричници.