Трамп предвидува брз крај на војната додека Иран го разгледува американскиот мировен предлог

Објавено:

Претседателот на САД, Доналд Трамп предвиде брз крај на војната со Иран, додека Техеран го разгледува американскиот мировен предлог за кој извори тврдат дека формално би го завршил конфликтот, но без да ги реши клучните американски барања, Иран да ја суспендира својата нуклеарна програма и повторно да го отвори Ормускиот Теснец, јави Ројтерс.

Портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, цитиран од иранската новинска агенција ИСНА, изјави дека Техеран ќе го соопшти својот одговор, додека иранскиот пратеник Ебрахим Резаи, портпарол на моќната парламентарна комисија за надворешна политика и национална безбедност, го опиша предлогот како „повеќе американски список на желби отколку реалност“.

„Тие сакаат да постигнат договор. Имавме многу добри разговори во последните 24 часа и сосема е можно да постигнеме договор“, им изјави Доналд Трамп на новинарите во Овалната соба во средата, додавајќи подоцна: „Ќе заврши брзо.“ – објави новинската агенција Ројтерс.

Изјавите звучеа пооптимистички во однос на објавата на социјалните мрежи претходно истиот ден, во која Трамп се закани со повторно започнување на американската кампања на бомбардирање на Иран, а можноста Техеран да го прифати американскиот предлог ја нарече „голема претпоставка“ – пишува Радио Слободна Европа.

Двете страни и понатаму остануваат поделени околу низа прашања, вклучително и способноста на Иран да збогатува ураниум и неговата контрола врз Ормускиот Теснец, клучен поморски премин низ кој пред војната, што избувна на 28 февруари, минуваа околу 20 проценти од светското снабдување со нафта и гас.

Трамп повеќепати ја нагласуваше можноста за договор за завршување на војната што започна на 28 февруари, но досега без успех. Двете страни и понатаму се разидуваат околу повеќе чувствителни прашања, како што се нуклеарните амбиции на Иран и неговата контрола врз Ормускиот Теснец, преку кој пред војната минуваше една петтина од светското снабдување со нафта и гас.

Пакистански извор и уште еден извор запознаен со посредничките напори изјавија дека договорот е блиску и дека станува збор за меморандум од една страница кој формално би го завршил конфликтот. Според изворите, тоа би ги отворило разговорите за деблокирање на бродскиот сообраќај низ теснецот, укинување на американските санкции кон Иран и воведување ограничувања за иранската нуклеарна програма, објави Ројтерс.