Вештачката интелигенција треба да стане дел од секојдневието на учениците и наставниците, но со внимателен и етички пристап, изјави министерката за образование Весна Јаневска на денешната панел дискусија „Магијата е во знаењето“, посветена на вештачката интелигенција во образованието.
“Без оглед како се развива технологијата, знаењето е исклучително важно, но најважно од сè и клучната улога ја имаат наставниците, кои ги заслужуваат целата наша почит и нашата доверба и се надевам дека тие ќе си ја извршуваат својата функција и во однос на вештачката интелигенција така како што треба“, рече Јаневска.
Таа додаде дека Министерството за образование и наука активно ги следи современите
образовни трендови, со посебен фокус на развојот и примената на вештачката интелигенција во
образованието. Посебен акцент, вели министерката Јаневска, се става и на континуираните обуки за наставниот кадар, со цел наставниците да бидат подготвени за новите дигитални алатки и промени во наставниот процес.
Претставниците од академската заедница кои учествуваа на панел-дискусијата сметаат дека вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој учениците пристапуваат кон знаењето, но дека предизвик е развивањето на критичко размислување и правилната употреба на алатките.
Наставниците посочија дека учениците веќе активно користат дигитални алатки, што го прави наставниот процес поинтерактивен, но истовремено бара и постојано прилагодување на методите на работа.
Денешната панел-дискусија беше последна во низата што во изминатиот период се
одржаа во повеќе градови низ земјава, во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“.
Целта на кампањата е подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и
незаменливата улога на наставниците во општеството.
Кампањата започна на 5 октомври – Светскиот ден на учителите.


