МВР воведува кодекс на облекувањe: Забранети кратки панталони, влечки, тренерки

Објавено:

Министерството за внатрешни работи информира дека воведува кодекс за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат објектите на Одделот за граѓански работи.

Целта на кодексот, велат оттаму е одржување на професионалниот стандард, дигнитетот на институцијата и меѓусебната почит.

„Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“, информираат од ресорното министерство.

За неприфатлива облека при влез во службените простории на Одделот за граѓански работи се смета ​премногу кратка облека (многу куси и многу тесни здолништа, како и здолништа кои не се соодветни за институција и куси панталони дизајнирани за плажа или спортски настани).

Објаснуваат дека неприфатлива ќе се смета и облеката која прекумерно го открива стомакот, градите или долната облека, потоа ​облека која вообичаено се користи во домот, на плажа или во ноќни клубови; ​тренерки и облека наменета исклучиво за спортски активности; ​облека со навредлива содржина (текстови, слики или амблеми кои можат да бидат навредливи за околината и ​несоодветни обувки (влечки, папучи, кломпи, налани, апостолки).

Од МВР истакнуваат дека и вработените во Одделот за граѓански работи се должни доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување.